Хармоникашкото дуо „АкордиоМ“ на Зорица Каракутовска и Филип Стамевски вечер во Музеј на Град Скопје ќе го отвори Фестивалот на музичките уметници на Македонија „Златна лира 2016“ кој го организира Сојузот на композиторите на Македонија.
На концертот насловен „АкордиоМ и пријателите“, тие ќе изведат композиции од Бах, Вивалди, Семјонов, Дербенко, Бете Илин, Пјацола, Галијано… а гости ќе им бидат Зоран Џорлев (виолина), Марија Ѓошевска (пијано), Александра Коцевска (вокал), Билјана Петровска (пијано), Петар Колевски (кларинет), Косто Тодоровски (хармоника) и Филип Петрески (хармоника).
Пред да го основаат „АкордиоМ“ Зорица Каракутовска и Филип Стамевски биле дел од разни камерни ансамбли и состави. Досега одржале повеќе концерти во Македонија, како и во САД, Италија, Србија, Бугарија.
Во репертоарот „АкордиоМ“ вклучува транскрипции на дела оригинално напишани за други инструменти и состави (Вивалди, Бах, Моцарт, Шуберт), како и оригинални дела за хармоника (Дербенко, Пјацола, Галијано). Значаен дел од програмата се делата од младата македонска композиторка Бете Илин, во кои таа на современ начин и преку разни техники на компонирање обработува мотиви и теми од македонскиот фолклор.
Зорица Каракутовска е професор по хармоника и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и на Факултетот за музичка уметност во Скопје, како и претседател на Македонското здружение на хармоникаши „Љубители на класичната музика“ кое 15 години е член на Светската унија на хармоникашите.
Филип Стамевски потекнува од класата на проф. Зорица Каракутовска. Има освоено голем број награди и признанија. Како солист и член на разни камерни состави има богата и успешна концертна дејност. Работи во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и успешно се реализира и во педагошката дејност.