Откривање на нов богат музикалитет

Од:

Концертот на пијанистката Дани Жоговска, во Музејот на град Скопје, претставуваше несекојдневен музички настан што ме поттикна да забележам некои свои импресии, пишува Викица Костоска – Пенева, музиколог и професор по пијано.

Целовечерниот солистички рецитал како форма означува највисок степен на претставување во доменот на репродуктивната уметност во класичната музика. Од уметникот бара сериозна подготовка почнувајќи од концептот на програмата, техничката беспрекорност која во 21от век стана condicio sine qua non и секако неминовна интерпретациска посебност која уметникот ќе го издвои од останатите. Овој концерт на Дани Жоговска на кој му претходеше и рецитал во Кавадарци, претставува нејзино рециталско деби и во таа смисла поддршката или критиката од стручна публика за неа е важна како и за секој млад уметник, а на синоќешниот концерт таа речиси целосно изостана. Жално е да се констатира овој факт особено кога се знае нејзината биографија која веќе содржи импресивен број награди од реномирани европски натпревари за пијано…Усти над Лабем – Чешка, „Вива пијано“ – Софија, Тревизо – Италија, „Петар Коњовиќ“ и „Даворин Јенко“ – Белград, „Интерфест“- Битола, „ЕПТА“ – Осијек – Хрватска, „Исидор Бајиќ“ – Нови Сад, „Охридски бисери“, „Милош Петровиќ“ – Јагодина… а сепак станува збор за ученик на 14 годишна возраст.

Изборот на програмата го сочинуваа дела од различни стилски епохи… Бах, Бетовен, Глинка, Прокофјев, достојни за претставување на солиден дипломски испит. Концертот започна со изведба на 21-виот „Прелудиум и фуга“ во B-dur од првата тетратка на Ј. С. Бах, дело кое претставува контрастен спој на ритмичен и брз прелудиум и воздржана трогласна фуга. Пијанистката со својата префинета изведба успеа да ги долови преплетувањата на барокна пулсација и рецитативни рубата во прелудиумот и јасна полифона слика која е осбено важна при интерпретацијата на строгите фуги од Ј.С.Бах.

Тежиштето на програмата ја донесе изведбата на Бетовеновата соната од опусот 2 бр. 3 во C-dur чија интегрална изведба сама по себе е предизвик за секој пијанист. Оваа соната претставува прво исклучително виртуозно дело од раниот период во творештвото на композиторот кое по својата комплексност на музичкиот материјал и техничката бравурозност го надминува критериумот за конципирање соло – сонати на неговите претходници Хајдн и Моцарт. Почнувајќи од должината, сонатата трае околу 25 минути, сложената формално-хармонска структура, концертантите каденци, контрастноста на еуфорија и мисловност, сето тоа е наговестување на поинаков стил клавирски сонати што се еквивалентни со рангот на формите концерт, гудачки квартет и симфонија и го издвојуваат Бетовен како еден од великаните на класичниот стил. Четири-ставната структура започнува со познатото Allegro con brio препознатливо по терцниот мотив во првата тема, брзите пасажи и ротации, лирската втора тема… Пијанистката Жоговска веднаш покажа педантна пијанистичка подлога изразена преку прецизна артикулација и јасен динамички концепт. Нејзината сигурност во изразот веќе во првиот став на сонатата укажаа дека слушаме пијанист, далеку над нивото на изведба адекватно на нејзината возраст кое се слушаше во интензитетот на нејзиниот тон, токму асоцирајќи на некој од концертите за пијано на Бетовен. Во вториот став Adagio, Жоговска изненадувачки ги прозвучи специфичните одлики на Бетовеновиот стил во неговите бавни ставови… баланс на елегантно и интимно фразирање во pianissimo со нагли пресврти во sforzando при што постигна звучен колорит, повторно прилично нетипичен за нејзината возраст, а со кој го покажа својот исклучителен музикалитет. Третиот став Allegro, инаку скерцо по својата структура пијанистката го изведе со леснотија покажувајќи шеговитост и ноншалантност на првиот дел и сложен виртуозитет во триото. Во фуриозниот четврт став Allegro assai, рондо со извонредно сложена композиција составена од брзи stacatto паралелни акорди, трилери, молскавични пасажи и фигурации, Бетовен напишал возбудлива музика, а од тука и изведувачки мошне тешка партитура. Во голема мера младата пијанистка, одговари на предизвикот и веќе беше сосем јасно дека во оваа фаза на нејзиното образование таа има капацитет да реализира сложени пијанистички дела покажувајќи не само техничка туку и интерпретациска зрелост. Се разбира во нејзината изведба на Бетовеновата соната има простор за уште поголема перфекција и виртуозитет.

Следуваше едно прекрасно дело, транскрипцијата за пијано од Мили Балакириев на тема на соло песната „Чучулига“ од Михаил Иванович Глинка. Балакириев воодушевен од творештвото на Глинка, длабоко инспирирано од богатството на рускиот фолклор, напишал повеќе парафрази за пијано на негови теми, но осбена популарност достигнува токму ова дело кое во себе ги обединува сите обележја на рускиот пијанистички романтизам… Експресивната едноставна мелодија – руска тема на почетокот, преку постапна градација на сè посложени и посложени постапки на варирање се движи низ целото дело и кулминира со брилијантни пијанистички пасажи преку целата клавијатура. На тој начин композицијата е многу податлива и атрактивна за слушање. За тоа во целост придонесе уметничкиот израз на Дани Жоговска, која во оваа композиција покажа автентична интерпретација преку широк спектар на тонови и вградување на личен печат во свирењето.

Последната композиција на концертот беше „Третата соната“ на рускиот композитор Сергеј Прокофјев. Историски потврдено низ неброените изведби на многу пијанисти насекаде низ светот од создавењето во 1917 година па се до денес, се смета за едно од ремек-делата на овој композитор, но и воопшто на пијанистичката литература во целина. Интензитетот на ова дело е антиципиран веќе во неговата форма , збиената троставност во еден став, една целина, го одразува нескротливиот темперамент на Прокофјев во раната фаза на неговото творештво и претставува синтеза на маркантна енергија и емоционални теми во романтичарски дух кои се губат во подоцнежните фази на неговото компонирење. Диверзитетот на фактури кои молскавично се менуваат во текот на целата партитура извонредно соодветсвуваа со техничкиот капацитет на маладата пијанистка Дани Жоговска. Таа за кусо време успеала да постигне техничка и интерпретациска зрелост и капацитет пред сè да совлада а потоа и во одличен манир да интерпретира брилијантна партитура од рангот на „Третата соната“ на Сергеј Прокофјев. Особено беше задоволство да се слуша делот Moderato од оваа фантастична соната, кој треба да претставува бавен втор став. Едноставно публиката можеше да почувствува дека пијанистката ужива и просто си поигрува во изведбата на генијалната музика.

Во целина, изведбата на пијанистката Дани Жоговска создаде пријатна и опуштена атмосфера како и видливо задоволство кај публиката во салата. На моменти имаше извесни напливи на еуфорија , особено во изборот на брзите темпа (Прокофјев), но тоа е одлика типична за младите пијанисти кои чувствувајќи ја моќноста на својата изведба не успеваат да ја контролираат младешката енергија. Ама тоа обележје пак предизвикува посебна привлечност кај публиката и ӣ го дава она непроценливо чувство да си замине задоволна од концертот. Таа не е уметник кој со било какви надворешни или театрални ефекти ќе ја придобие публиката. Напротив, индивидуалноста и богатството на нејзиниот ненаметлив музикалитет ни дава можност многу да очекуваме од идните настапи и со радост да го очекуваме секој нејзин концерт!

Би можело да ве интересира

Дваесет и втор Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери“

Ана Ололовска

Концерти на воените оркестри од армиите на С. Македонија и на САД за Европа и Африка

Ана Ололовска

Концерт на духовна музика на хрватскиот тенор Стијепо Глеѓ Маркос

Ана Ололовска

Музичка младина на Македонија го почнува циклусот концерти „Слободна среда“

Ана Ололовска

Концерт на „Профундис“ И „13 Гудачи“ заедно со светски познатата Ирина Муресану

Ана Ололовска

Концерт на Македонски брас квартет во КИЦ на РСМ во Софија

Ана Ололовска