Осум македонски автори во нова „Антологија на современиот балкански расказ“ на грчки јазик

Од:

Во својот книжевен избор со вкупно 71 раскази од сите дванаесет балкански земји, авторот д-р Ставрос Г. Дајос селектирал дури осум прозни творби на писатели од нашава земја: Ташко Георгиевски, Влада Урошевиќ, Томислав Османли, Ким Мехмети, Оливера Ќорвезироска, Шазим Мехмети, Румена Бужаровска и Шкелзен Халими.

Во издание на грчката издавачка куќа „Литератус” од Солун објавена е „Антологијата на балканското расказно творештво“ („Ανθολογία της βαλκανικής διηγηματογραφίας”). Со изборот на раскази од сите современи балкански литератури, реализиран на 428 страници, книгата го опфаќа целиот период од XX и XXI век.

Потребата од создавањето оваа нова антологиска објава авторот и издавач Дајос ја објаснува со динамично променетата балканска реалност.

– По големите историски промени од 1990-те години означени со расточувањата на структурите од источниот појас и со жестокиот распад на југословенската федерација, се појавија нови состојби, потреби, теми, автори и видувања, а беа поставени и нови критериуми за изразување и за задоволување на литературните поттици на современото балканското етничко, државно и јазично расејување, смета тој. Некои од тие нови појави, заклучува антологичарот Дајос, ги пополнува овој опсежен прозен избор.

Неговата „Антологија на балканското расказно творештво“, опфаќа 68 писатели, 71 кратки раскази и 34 преведувачи, од дванаесетте балкански држави. Тоа се автори, смета антологичарот, кои добиле врвни литературни награди или кои добиваат книжевни потврди од литературната критика, како и од квалификуваните читатели. Меѓу застапените автори се и великаните на балканската литература: нобеловците Иво Андриќ и Орхан Памук, како и книжевни доајени како Мирослав Крлежа, Елин Пелин, Андонис Самаракис, Исмаил Кадаре и други истакнати писатели на поширокиот балкански книжевен регион.

Антологијата застапува избор на прози од осум современи македонски писатели, од неколку генерации: академиците Влада Урошевиќ (1934) со расказот „Тешка ноќ“ и Ташко Георгиевки (1935-2012) со „Црвениот коњ“, потоа Томислав Османли (1956) со „Шапката на професорот Даштевски“, Оливера Ќорвезироска (1965) со „Бошко Буха“ и Румена Бужаровска (1981) со „Мојот маж поет“, од авторите кои создаваат на македонски, како и нашите автори кои пишуваат на албански јазик: Ким Мехмети (1955) со расказот „Куќата на крајот од селото“ , Шазим Мехмети (1958) со „Смртта на старецот“ и Шкелзен Халими (1961) со расказот „Берта“. Преводите од македонски јазик се на Костас Катсанос (преведувач на три раскази), како Васко Караџа, и Мариа Думба (по една проза), додека од албански преводите ги реализира Дајос.

Инаку, претходната „Антологија на балканскиот раказ“ на авторот Јанис В. Бенекос и атинското книгоиздателство „Воцис Никос“, во Грција била објавена во далечната 1981 година, со по пет автори од вкупно шесте тогаш постојни балкански земји, поточно со вкупно 30 застапени балкански писатели. Новата антологија на Ставрос Дајос, македонскиот расказ го става рамноправно со творештвото во жанрот на кусата проза од единаесетте останати балкански држави.

Како што известуваат од книгоиздателството „Литератус”, антологијата на балканскиот расказ, дистрибуирана во сите големи книжарници на соседната земја, на широкото грчко читателство му станува достапна деновиве.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска