Годинашен добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ која се доделува во рамки на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“ е оскаровецот Лука Бигаци.
Неговиот последен филм „Големата убавина“ го освои оскарот во категоријата најдобар филм од неанглиско јазично подрачје, а победи во истоимената категорија на наградата БАФТА и на Златниот глобус.
Директорката на ИФФК, Лабина Митевска на денешната прва прес-конференција по повод 35. издание на фестивалот истакна дека Бигаци е добитник кој е достоен за годинашниот јубилеј на фестивалот.
– Трите децении кариера го прават водечки светски кинематографер. За нас е особено важно што „Браќа Манаки“ на своевиден начин беше меѓу првите фестивали што го откри талентот на Бигаци уште во далечната 1997 година со неговиот прв филм во официјалната програма на 18. издание. Оттогаш неговите филмови впишаа се на се пет учества и понедоа две од наградите во Битола, рече Митевска.
Бигаци е еден од најактивните и најбараните италијански кинематографи за што сведочат освоените 20 врвни италијански и светски награди и 22 номинации.
Годинашното издание на фестивалот ќе се одржи од 13 до 19 септември под мотото „Кон ѕвездите“.
– Идејата за слоганот дојде од фактот што во изминатите години донесовме голем број сјајни имиња од светот на филмот:кименатографери, актери, режисери, сценаристи, така што публиката веќе самата го асоцира фестивалот со ѕвезденото небо на уметноста, истакна Митевска.
Официјален партнер на фестивалот петта година по ред е мобилниот оператор ВИП.
– Чест ни е што веќе пет години по ред сме дел од создавањето на трајните вредности, што ги впишуваме во историјата на поддржувачите на уметноста и што сме дел од „Ѕвезденото небо“ на меѓународната филмска сцена, рече главниот извршен директор на ВИп операторот, Никола Љушев.
Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ што секоја година се одржува во Битола, е организиран од Друштвото на филмски професионалци. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Филмскиот фонд и од општина Битола.