Претседателот Ѓорге Иванов денеска ќе го додели признанието „Орден за заслуги за Македонија“ на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
– ФМУ се одликува со „Орден за заслуги за Македонија“ по повод 50 години од основањето, а особено за постигнатите резултати во својата образовна, уметничка и научна дејност, со што даде исклучителен придонес во збогатувањето и промовирањето на македонската музичка култура и афирмација на Република Македонија во светот, соопшти Кабинетот на претседателот Иванов.
За 50 годишниот јубилеј, ФМУ вечер од 20 часот во Македонската опера и балет ќе изведе концерт на Симфонискиот оркестар на кој солисти ќе бидат сегашни и поранешни студенти од повеќе инструментални класи на ФМУ.
Ќе бидат изведени композиции од Свиридов, Стравински, Дариус Мијо, Вила-Лобос, Гинастера, како и делото „Твојот пат“ на македонскиот композитор Живојин Глишиќ, кое е напишано за овој јубилеј на Факултетот.
– Симфонискиот оркестар, Биг бендот, Хорот „Драган Шуплевски“, студентите од студиските програми за соло-пеење и народни инструменти, како и македонскиот сопран со светска слава Ана Дурловски, премиерно ќе изведат повеќе значајни дела од светската музичка уметност, соопшти ФМУ.
Факултетот за музичка уметност постои од 1966 година во составот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и денес има пет катедри (Катедра за музичка теорија и педагогија, музикологија, композиција и диригирање; Катедра за дувачки инструменти, удирачки инструменти и соло-пеење; Катедра за клавишни инструменти и харфа; Катедра за гудачки инструменти и гитара; Катедра за балетска педагогија), со вкупно 28 студиски програми на прв циклус и три студиски програми на втор циклус студии.
Во текот на 50-те години од ФМУ излегле над две илјади дипломирани, над 400 магистри и дваесетина доктори на музички науки и музички уметности.
Покрај високообразовна, факултетот врши и научно-истражувачка, уметничка и применувачка дејност од областа на музичката уметност. Во негови рамки работи Институтот за истражување и архивирање на музика – ИРАМ, како и повеќе ансамбли – Симфониски оркестар, Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Народниот оркестар и Биг бендот.
Билети за вечерашниот концерт на ФМУ може да се резервираат преку [email protected].