Приказната за Анемари, мало еврејско девојче од Данска во времето на холокаустот, која е раскажана во романот „Изброј ги ѕвездите“ е вистинска, а воедно е само една трогателна сторија која за среќа завршува позитивно за разлика од онаа на 1.500.000 деца кои беа убиени во Втората светска војна. Ова го истакна Жаклина Мучева, раководител на Секторот за истражување, документирање и архивирање во Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија, на вчерашното излагање на онлајн промоцијата на книгата чиј автор е Лоис Лаури.
На промоцијата зборуваа Мучева, уредникот на „Изброј ги ѕвездите“ Бисера Бендевска, додека младата Мартина Атанасова прочита два извадока од делото. Дејството во романот го води 10-годишната Анемари Јохансен која со своите родители и помалата сестра живее во Копенхаген во екот на Втората светска војна.
„Изброј ги ѕвездите“ е роман за хероизмот на една цела држава и нејзината нација која застанува во одбрана на своите сограѓани Евреи, ковајќи план да го прошверцува преку море до Шведска целото еврејско население од Данска (речиси седум илјади луѓе). Приказната во „Изброј ги ѕвездите“ е преземена од вистински настани. Во воведот, авторката и јавно ѝ се заблагодарува на својата другарка од Данска, која ѝ ги пренела нејзините спомени од детството во Копенхаген во 1943 година и станала модел за ликот на 10-годишната Анемари Јохансен.
– Историјата и преживеаните зборуваат за ваквите спасители како во книгата „Изброј ги ѕвездите“ кои никогаш нема да бидат заборавени. „Праведници меѓу народите“ е термин што го користи државата Израел за да ги опише не-Евреите кои ги ризикувале своите животи за да спасат Евреи во холокаустот. Република Северна Македонија е една од земјите кои се запишани на списокот на праведници. Вкупно десет имиња имаат свое место на Почесниот ѕид на праведниците во меморијалниот центар во Израел – Јад Вашем, вели Мучева.
Со цел да повлече паралела помеѓу приказната на Анемари, таа издвои и четири деца од нашата земја кои биле спасени од нееврејски семејства. Бенвенита Бехар – Тити била заштитена од соседите Александар и Блага Тодорови. Исак Адиџес со семејството пребегнал во Албанија каде биле криени од муслиманско семејство. Мати Гринберг, кој воедно бил единственото бебе кое го преживеало холокаустот во Скопје, бил згрижен од пријател на неговиот татко. Благоја Младеновски се спасил од смртта, бидејќи заедно со неговата мајка, Нета Коен, биле скриени во куќата на родителите на неговиот татко, кој бил православен Македонец, и со кој неговата мајка се венчала подоцна, во 1946 година.
Уредничката на „Изброј ги ѕвездите“ посочи дека овој роман зборува и резонира преку возраста на главниот лик, 10-годишната Анемари, што го прави толку успешен и убедлив.
„Изброј ги ѕвездите“ е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.