На фејсбук-страницата на „Литература.мк“ вечер од 19 часот онлајн ќе биде промовирана интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ, со илустрации од Марко Јанев, издание на „Либи“ – „Арс Ламина – публикации“.
Авторката Тодоровиќ вели дека долго време го истражувала историското богатство на Скопје со цел соодветно да ја конципира книгата. „Мистериозниот град под калето“ е прва од серијалот книги за деца „Скопје од А до Ш“ и го обработува османлискиот период на главниот град.
– Со овој период, всушност, ја почнувам авантурата за Скопје. За оној дел пред Османлиската Империја, за време на Византија има многу малку податоци и затоа се одлучив да почнам од периодот на Скопје под османлиска власт. Серијалот е замислен така што секоја книга ќе обработува различни историски периоди на градот. Понатаму дејството би продолжило во втората книга за Скопје во време на Кралството СХС, постземјотресно Скопје и приказната би се заокружила со модерно Скопје, вели авторката Тодоровиќ.