Омажи посветени на Богомил Ѓузел и на Георги Старделов на „Струшките вечери на поезијата“

Од:

Oмаж посветен во спомен на култниот македонски поет Богомил Ѓузел беше претставен на третиот фестивалски ден на „Струшките вечери на поезијата“. За ликот и делото на Ѓузел говореше литературната критичарка, теоретичарка и претседателка на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, Елизабета Шелева.

– Богомил Ѓузел, заедно со Радован Павловски, Влада Урошевиќ, Петре М. Андреевски го сочинува историското и квалитативно јадро на еминентни претставници од пресвртничката Трета поетска генерација. Би укажала најнапред на неколку лични согледби кои, досега, чинам, недоволно беа познати или расветлени. Познат е, иако досега можеби остана недоволно истакнат, фактот дека, во времето на своите творечки почетоци, Богомил Ѓузел настапи како припадник на градското и граѓански (либерално) ориентираното крило во нашата литература што, од своја страна, остави препознатлив белег врз неговиот творечки профил, господственото поведение, а, особено, во нему својствениот, космополитски систем на вредности. Таа трага останува видлива и во неговото дејствување во рамките на Струшките вечери, во заложбите за отворање на фестивалот кон Запад и Америка – потенцираше Шелева.

Таа истакна дека и покрај тоа што Богомил Ѓузел пишуваше на македонски јазик, неговото творештво не може да се сведе и да се ограничи исклучиво на македонскиот културен простор, бидејќи одамна беше ги прескокнало националните јазични и книжевни граници.

– Нека му е вечна слава и незаборав на Богомил Ѓузел и неговото богато книжевно наследство, кое нè прави горди што сме негови современици и сонародници. Во овој тегобен миг на загуба, мала е (за нас, лично), но не и безначајна, утехата дека неговото раскошно дело (и спомените за неговиот богат живот), допрва одат под закрила на незаборавот, во одбрано друштво, со бесмртните браќа и сестри по Словото – додаде Шелева.

За капиталната книга „Македонско поетско соѕвездие“ (во издание на МАНУ и „Матица македонска“, 2020) на академикот Георги Старделов говореше македонскиот поет, раскажувач, есеист и теоретичар Владимир Мартиновски, кој посочи дека е многу важно да се говори за оваа книга на јубилејното, шеесето издание на фестивалот.

– Длабоко уверен дека „поезијата не е само најзначаен род на македонската книжевност, таа е врховен принцип“, академик Старделов на залезот од својата исклучителна истражувачка кариера остави во аманет неодминлива книга за секој што ќе сака темелно да ги запознае одликите и естетските дострели на современата македонска поезија. Станува збор за невообичаено волуменозна книга (со без малку 900 страници) која се чита како врвна белетристика. Таа е еден вид синтеза и сума сумарум на долгогодишниот безрезервен и пасиониран ангажман на Георги Старделов во анализирањето, толкувањето, вреднувањето и промовирањето на дострелите на современата македонска поезија. Сочинета од пет претходно објавени книги, посветени на пет стожерни творечки личности за македонската литература и култура од првите две повоени генерации, „Македонско поетско соѕвездие“ е еден вид петокнижие на македонската поезија на втората половина од 20 век – рече Мартиновски.

Во структурата на оваа книга се вткаени некои од стожерните студии на Старделов сосредоточени на поезијата: Experimentum Macedonicum (1983), посветена на Славко Јаневски; „Одземање на силата“ (1990), посветена на Блаже Конески; „Небиднина“ (2000), посветена на поезијата на Ацо Шопов; „Раѓање на трагедијата“ (2020), посветена на поезијата на Матеја Матевски и „Величанија“ (1997), посветена на поезијата на Анте Поповски.

Би можело да ве интересира

Врачени највисоките признанија на Струшките вечери на поезијата

Жан Пјер Симеон: Поезијата е местото каде можеме сите да се обединиме

Врачување на највисоките признанија на СВП на традиционалната манифестација „Мостови“

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Сиљановска Давкова ги прими лауреатот, добитничките на награди и организаторите на 63. издание на Струшките вечери на поезијата

„Струшки вечери на поезијата“ од 22 до 26 август под мотото „Допир на убавината“