Оливер Мусовиќ изложува во Марибор

Од:

Во четврток, 15 декември, во 19 ч., во галеријата К18ВД-30 – изложбениот простор на историскиот Ветрињски дворец во Марибор, Словенија ќе се отвори 20-тата самостојна изложба на уметникот Оливер Мусовиќ со наслов „Активен програмиран одмор: мини голф“. Изложбата е резултат на едномесечниот престој на Мусовиќ во резиденцијалната програма за уметници „СобаЗаГостиМарибор“ на здружението Пекарна Магдаленски Мрежи Марибор.

Оливер Мусовиќ на изложбата преставува нови, досега неизложувани дела – две фотографски серии, реализирани во Охрид (2019-2022) и во Марибор, преку кои прави компаративна анализа на слободното време во социјалистичка Југославија, документирајќи ги остатоците од материјалната култура на „активното одморање“, во овој случај, два многу слични рекреативни објекти – терени за мини голф, на две оддалечени географски локации – Охридското Езеро и брегот на реката Драва во близина на Марибор, кои некогаш биле во заедничка држава.

Развојот на туристичката индустрија беше политички, економски и социјален проект на југословенската федерална држава и клучно поле на социјалната интеграција, чија цел беше работниците да се претворат во потрошувачи на слободно време „со цел“. Туризмот и патувањето се значајни општествени феномени кои се развиваат од култура на елитата, во масовен феномен во текот на 20. век. На политичко ниво, туризмот беше важен предмет на социјалните и националните политики во создавањето на социјалистичката држава. Експертите за туризам и социолозите во тоа време се спротивставуваат на концептот на „целосен одмор“ заснован на спиење и сончање, со идеите за рекреативен туризам, превентивен одмор, врамен во доктрината за „активно програмиран одмор“.

Делото го дефинира „пејзажот“ како симболична средина создадена од човечки чин на доделување значење на природата и животната средина. Овие пејзажи ги рефлектираат самодефинициите на луѓето во специфичен културен контекст и динамично одговораат на тие променливи дефиниции на луѓето за себе.

Двата локалитети имаат слична историја, се развиваат како дел од поголеми туристички комплекси – Хотелот-одморалиште „Орце Николов“ во месноста Свети Стефан и Мотелот „Језеро“ во Брестерница при Марибору, и поминуваат низ сличен процес на приватизација по падот на Југославија и веќе не се функционални. Сега, двата бетонски терени имаат многу сличен скулпторски и речиси археолошки квалитет што иницијално го привлече уметникот.

Изложбата ќе биде отворена до 20 јануари, 2023 година.

Оливер Мусовиќ (Скопје, 1971) самостојно изложувал во Македонија, Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и Црна Гора. Учествувал на бројни групни изложби на современа уметност низ целиот свет. Учествувал и на резиденцијални престои во Германија, Чешка, Швајцарија, Кореја, САД, и Франција. Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции и се публикувани во повеќе публикации – прегледи на современа уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература.

Би можело да ве интересира

Самостојна изложба на Ана Ивановска во Њујорк