Неодамна од печат излезе стихозбирката на Ирена Јурчева, „Огнот наш нестишен“, во издание на „Современост” – Скопје. Ова е четврта книга на Јурчева за која во рецензијата е наведено дека е напишана со стремеж за негување и зачувување на македонското наследство, на изразите автентични за македонската поезија.
– Низ песните провејуваат хибридни мотиви: љубовни, социјални, но и патриотски… Во четириесетте песни поделени на четири циклуси, освен што се забележува присутност на плејада од дуалитети, омнипрезентно се редат епизоди на еротизам и страст. Збирката „Огнот наш нестишен“ од Ирена Јурчева е суптилно, но наполно свртена кон индивидуалниот, творечкиот, создателскиот, човечкиот… оган во оној живот кој го нуди или наметнува „светот на нашата околина“ или сартровскиот пекол… кон индивидуата, творецот, создателот, човекот… каде крикот во точката е онаа капка што ја прелева чашата на сиот Космос, создаден, одживеан и разнебитен во сопствениот, еден, хераклитовски вечно жив Оган што по мера се пали и по мера се гаси, пишува во рецензијата Верица Мукоска.
Јурчева исто така е авторка на илустрациите во стихозбирката.
Ирена Јурчева е родена во 1982 година во Белград. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2017 година ја објавува првата поетска книга „Таинства“. „Белата е најстрашната боја“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис за 2019 година. По неа следува збирката раскази „Разнишан свет“. Работела како преведувач за повеќе издавачки куќи и како наставник во неколку меѓународни школи и јазични центри.