Поезијата е стара колку и човештвото и исто толку различна. Таа, за жал, не може да го промени светот, но може да создаде нови форми на дијалог и да ја храни креативноста и мислата потребна за секое општество, порачува УНЕСКО за годинашното чествување на Светскиот ден на поезијата – 21 Март.
Централната прослава во Македонија денеска ја организираа Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и Македонскиот ПЕН Центар, а за оваа пригода повеќе поети прочитаа свои стихови.
Директорот на НУБ Иван Заров рече дека денес поезијата се воздигнува на пиедесталот што го заслужува бидејќи оваа уметност го издигнува јазикот на највисокото рамниште и нејзиното јадро го содржи кодот на универзалната хармонија.
– Особено задоволство ми е што сум на чело на институција во која не само што се чита поезијата, туку и се создава. Во НУБ „Св. Климент Охридски“ работат неколкумина познати македонски поети, така што нашата институција е нераздвојно поврзана на повеќе начини со оваа благородна манифестација, рече Заров.
Претседателот на Македонскиот ПЕН Центар Ермис Лафазановски рече дека Меѓународниот ПЕН во Лондон препорачал оваа година одбележувањето на поезијата да не биде само прослава, туку и поддршка за правата на поетите во светот, за оние кои се во затвор или егзил и поетите кои не можат слободно да творат.
– Има неколку земји во светот, меѓу кои Камерун, Катар, Кина, Мексико, каде, за жал, поети се затворени, малтретирани и живеат во непоповолни услови поради тоа што со нивната слободна волја, со поетската моќ на изразување веројатно направиле некакви алузии. Затоа Интернационалниот ПЕН има замолница денешниот ден да биде и прилог кон поддршка на поетите во незавидна ситуација. А и задачата на ПЕН е да се грижи за книжевните права во светот, рече Лафазановски.
Во пораката по повод 21 Март поетот Владимир Мартиновски истакна дека поезијата е мост меѓу човекот и универзумот и дека е незамислива без творците, но и без сотворците, односно читателите.
– Поетските книги во библиотеките се како птици во кафез што чекаат некој да им ја подотвори портата. Поетските гласови чекаат да одекнат во нашите интимни простори, а поетските слики – да бидат изложени во нашите внатрешни галерии. Светскиот ден на поезијата е празник за сите што и нудат гостопримство на поетската реч, посочи Мартиновски.
Одлуката за прогласување на 21 Март за Светски ден на поезијата е донесена на 30-тото заседание на УНЕСКО во октомври 1999 година во Париз и од 2000 до денес се прославува во повеќе држави низ светот со поетски читања и со афирмативни пораки во чест на поетското творештво.
Фото: МИА