Здружението на просветни работници – литературни творци на Република Македонија денеска го одбележа Светскиот ден на литературата 2 Април, со стихови за најмладите од македонски автори за деца, во присуство на ученици од скопските основни училишта „Димитар Миладинов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“.
Нада Зафировска-Матиќ, член на Здружението и авторка за деца, зборуваше за влијанието на книгите за деца и посочи дека лично била инспирирана да твори од стихозбирката „Цветови и снегулки“ на Србо Ивановски од 1953 година.
Ги наброи авторите за деца во Македонија чии дела, како што рече, носат универзални и вонвременски пораки, како „Шеќерна приказна“ на Славко Јаневски, „Волшебното самарче“ на Ванчо Николески, „Белото циганче“ на Видое Подгорец, младешките теми во делата на Горјан Петревски, како и автори кои пишувале за деца, а веќе биле афирмирани како писатели за возрасни: Петре М. Андреевски (Шарам барам), Томе Арсовски (Дедо Мраз и Феферона), Михаил Ренџов (Ангела сонува)… писателките за деца, како Бистрица Миркуловска, Славка Арсова, Косара Гочкова, Славка Манева, Јадранка Владова, Оливера Николова, чија лектира „Зоки Поки“ е прогласена за најпопуларна книга за деца на македонски јазик.
Во освртот за литературата за деца Зафировска-Матиќ посочи дека децата не треба да се лажат, треба да им се раскажува за нешта што им се блиски, да им се поттикнува фантазијата, да се негува литературниот јазик, а во песните да не се пишуваат бесмислени зборови само за стиховите да имаат рима. Од дете што ја сака книгата ќе се добие и возрасен читател, рече Зафировска-Матиќ.
Поетот Михаил Ренџов, како претставник на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), рече дека писателската асоцијација треба повеќе внимание да посвети на литературата за деца. Истакна дека пишувањето за деца е одговорна задача, а како пример за автор за деца го посочи Стојан Тарапуза.
– Се плашев од литерaтурата за деца зашто ја сметав за пресериозна. Затоа првата книга за деца ја напишав на 65 години. Учев од моите колеги, а моите деца ги учев од стиховите на Стојан Тарапуза, рече Ренџов.
Бистрица Миркуловска е активен член и на Здужението на просветни работници – литературни творци и на ДПМ. Во 1961 ја објавила книгата „Цвеќенца“ и за деца објавувала до 1995 кога, како што рече, првпат објавила книга за возрасни. По повод нејзиниот 85-ти роденден, таа подари избор од своето творештво на библиотеките „Страшо Пинџур“ и „Браќа Миладиновци“.
Литература за деца се одбележува на 2 април – денот на раѓањето на данскиот и светски познат писател за деца Ханс Кристијан Андерсен (1805-1875), автор на Грдото пајче, Малата сирена, Принцезата на зрно грашок…