„Од оваа страна“ е новатата стихозбирка на македонската поетеса Весна Ацевска. Книгата се појави во рамки на едицијата „Современа македонска поезија“, во издание на „Дијалог“ од Скопје.
На македонската книжевна сцена Весна Ацевска е присутна над четириесет години со впечатлива поетска и преведувачка дејност.
– Во своето најново поетско дело, таа се надоврзува на доминантните постапки карактеристични за нејзиното поетско писмо, каде што во топосот на песната се преплетуваат теми, мотиви и слики од разни природни и духовни ареали во амалгамизирани лирски градби, сочинети од избрани јазични експресивни структури. Кон песните во книгата е придружен и нејзиниот есеј „На страната на поезијата“, во којшто авторката недвосмислено го изразува својот став дека поезијата со својата креативна сила претставува своевиден синоним на животот, соопшти „Дијалог“.
Весна Ацевска е родена во Скопје во 1952 година. Пишува поезија и проза, преведува од руски и од јужнословенски јазици. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН-центар, на Друштвото на преведувачите на Македонија, на Интернационалното друштво „Калеваласеура“ од Република Финска и на Славјанската литературна и артистична академија во Варна. Застапувана е во разни антологиски избори на современата македонска поезија во земјата и странство. Нејзини поетски избори се објавени кај нас, во Романија, Хрватска, Србија, Бугарија, Полска и во Турција.
За нејзиното поетско творештво, под наслов „Ехо на ентелехијата“, посветен е двоброј од списанието „Стремеж“ (2008). Ги добила наградите за поезија „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (2009) и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија (2012), а двапати ја добила наградата „Григор Приличев“ за препев на финскиот еп „Калевала“ (2000) и на нордискиот еп „Стара еда“ (2009). Носителка е на државната награда „Св. Климент Охридски“ (2016).