Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска во Штип ја промовираше четвртата по ред фасада чија обнова е реализирана во овој град во рамки на проектот на Владата и на Министерството за култура за реконструкција на фасади од старата градска архитектура во старите градски јадра.
Станува збор за куќата на ул. „Гоце Делчев“ бр. 55 и 57, објект кој бил изграден како една куќа, а која подоцна е поделена по вертикала на двајца сопственици.
– Ова е четвра по ред фасада во Штип која што е конзервирана, реставрирана и ставена во функција од страна на нашата надлежна институција Завод и Музеј овде во Штип. За обнова на оваа фасада се издвоени средства во износ од 1.400.000 денари. Станува збор за староградска архитектура карактеристична за Штип која што потекнува од 19 век. Целосно е реставрирана фасадата, кровната конструкција и дограмата, изјави Канческа Милевска.
Таа најави дека активностите во рамки на овој проект во Штип предвидуваат обнова на фасадите на уште два објекта.
– Не застануваме тука. Оваа година согласно Акциониот план треба да се обноват уште две фасади, кога станува збор за обнова на фасади на објекти кои што се регистрирани како споменици на културата и со карактеристична страроградска архитектура. Заводот и Музеј Штип веќе работи на проектите за реконструкција на овие две фасади, кои треба да бидат обновени до крајот на годината, истакна Канческа Милевска.
Таа додаде дека во Штип досега со поддршка на Министерството за култура се реализирани голем број проекти од областа на заштитата на културното наследство, како конзервација на вредниот фрескоживопис во црквата Св. Спас кој датира од 14. и од 17 век, се изврши опремување на археолошкото депо и ремоделирање на етнолошката поставка, а во тек се и завршните работи за ремоделирање на нумизматичката поставка, беше отворен Музејот на знаменити штипјани во Ново Село. Исто така континуирано се поддржуваат археолошките истражувања на локалитетот Баргала кој е значаен ранохристијански епископски центар и еден од петте познати епископски центри на територијата на Република Македонија каде е извршена и целосна електрификација, археолошки доистражувања, конзервација, реставрација и реконструкција на бедемските ѕидови.
Во тек е и конзервацијата на вредните икони кои ќе бидат изложени во галериската поставка на црквата Успение на Пресвета Богородица Ново Село Штип, со што тие ќе се заштитат од понатамошно оштетување и пропаѓање. Проектот треба да се реализира до септември годинава.
На новинарско прашање Канческа Милевска истакна дека Министерството за култура во изминатиот период реализираше значајни капитални проекти, а за годинава, за 21 мај, ја најави промоцијата на новата концертна сала за Македонската филхармонија, а до крајот на годината треба да заврши реконструкцијата на Албанскиот театар и новата зграда на театарот во Струмица. Таа најави дека во наредниот период ќе се работи и на изградбата на Драмскиот театар, како и на реконструкција на некои театри кои функционираат во рамките на домовите на култура.
Потсети дека минатата година театарот во Штип, кој функционира како дел од Центарот на културата, доби нова сценска, светлосна и тонска опрема. Преку овој проект, со кој беа опфатени повеќе театри во земјава, се здобија со квалитетна и софистицирана опрема, со која се овозможи визуелно и естетско збогатување на продукциите.
Министерката за култура во рамки на работната посета на Штип денеска присуствуваше на традиционалната седма по ред изложба насловена „Шарено Велигденско јајце“ во Центарот за култура во пресрет на големиот христијански празник Велигден.
Таа изрази воодушевеност од креативноста на малите уметници од локалните основни училишта и градинки чии изработки на украси и јајца бојадисани со природни бои беа презентирани на декорираните штандови. На изложбата која се реализираше со поддршка од Министерството за култура и од општина Штип беа наградени најдобрите креации, додаде Канческа Милевска.
Министерката за култура, во духот на големиот христијански празник, ја искористи можноста на сите граѓани да им го честита претстојниот празник Велигден и да им посака здравје и убави празнични денови.