„Македоника литера“ ги објави томовите 7, 8 и 9 од серијата „Клучните концепти во кинеската мисла и култура“, двојазично – на македонски и на англиски јазик. со што е комплетирана серијата. Серијата беше публикувана паралелно со публикувањето на кинески и англиски јазик во Пекинг.
– Оваа серија ги содржи најсуштинските мисли, концепти и фрази кои во период од неколку милениуми ги создал кинескиот народ и кои и денес се од суштинско значење за кинеската филозофија, хуманистичкиот дух, начинот на размислување и вредностите. Овие концепти и изрази се одраз на мудроста на кинескиот народ, на неговата длабока духовна потрага, како и на длабочината и широчината на неговата мисла. На кинескиот народ денес тие му служат како клуч за подобро разбирање на еволуцијата на својата древна филозофија и на развојот на својата литература, уметност и историја. За другите народи, пак, овие концепти ја отвораат вратата за разбирање на духовниот свет на современа Кина и на кинескиот народ, информираа денеска од „Македоника литера“.
Како што појаснуваат, концептите, мислите, цитатите и појаснувањата се однесуваат на класичната кинеска филозофија, литературата, уметностите, културата, историјата и традицијата, односно серијата претставува своевиден сублимат за запознавање на кинеската цивилизација.
– Овие „Клучни концепти на кинеската мисла и култура“, всушност, го даваат клучот на прашањето зошто кинеската цивилизација е најдолгата жива цивилизација и зошто и денес е многу моќна и просперитетна.„Клучните концепти во кинеската мисла и култура“ ја сочинуваат суштината на тоа што се смета за најдоброто во традиционалната кинеска култура и се напишани со пристапен стил и јазик за широк круг на читатели, наведоа од „Македоника литера“.
Оттаму појаснија дека целите на проектот се да ги објаснат концептите во кинеската мисла и култура кои ги одразуваат карактеристиките на традиционалната култура на земјата и начинот на размислување на кинескиот народ и кои ги отелотворуваат основните вредности на Кина; објективно и прецизно дефинирање на концептите во концизен, лесен за разбирање јазик; и да се овозможи да се раскаже кинеската приказна за да биде светот подобро информиран за националните услови, историјата и културата на Кина.
Во проектот биле вклучени познати експерти, преку одбор на советници, експертска комисија и академски комитет, односно близу 90 познати експерти за литературата, уметноста, историјата, филозофијата и преведувањето.
Проектот беше воден од издавачката куќа ФЛТРП во Пекинг во соработка со Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Секој том содржи по 100 клучни мисли, за кои се дадени концизни и прецизни објаснувања, а потоа се поткрепени со цитати поврзани со тие клучни мисли. Доминира старокинеската мудра мисла. Освен предговор на три јазици (македонски, кинески и англиски), секој том содржи и прилози: список на клучните мисли, куса хронологија на кинеската историја.