Објавени три тома од оставината на Драган Богдановски

Од:

Првите три тома од оставината на Драган Богдановски, еден од најистакнатите личности на македон­ската политичка емиграција и најпознатиот македонски дисидент деновиве излегоа од печат во изданиер на „Македоника литера“ од Скопје и на Државниот архив на Република Македонија.

Својата активност како емигрант ја остварувал и преку новинарството и публицистиката. Во неговото политичко досие се зачувани и неколку ракописи за историјата на македонскиот народ и два историски романа. Ракописната оставина на Богдановски се објавува со заеднички наслов „Мојата борба за Македонија“ во пет тома и уште еден обемен том (шести по ред), кој содржи избор документи од неговото политичко досие. Редактори на едицијата се д-р Марјан Иваноски и д-р Зоран Тодоровски.

Првиот том од ракописната оставина на Драган Богдановски, со заеднички наслов „Мојата борба за Македонија“, содржи еден пообемен текст за историјата на Македонија и ги донесува неговите погледи, ставови и констатации за одредени настани и личности од историјата на Македонија, стекнати, пред сè, од македонска историографија од 60-тите и 70-тите години на 20 век.

Иако е посветен на проучување и пишување на историјата на Македонија, под влијание на тогашната литература, Богдановски идеолошки ги третира македонските историски процеси и личности, подвлекувајќи го врхо­визмот во ВМРО и кај нејзиното раководство, но прави обемен и детален историски преглед. Историографските трудови што ги цитира се на маке­донските историчари Блаже Ристовски, Иван Катарџиев, Манол Пан­девски, Славко Димевски и др.

Вториот том содржи неколку историски текстови: „Историја на бугарскиот врхо­визам“, „Врховизмот вчера и денес“, „Кому­нистичката партија на Грција и македонското национално прашање“, „Македонскиот народ во Егејска Македонија во антифашистичката борба (1941-1944)“, „Народноослободителниот фронт“, „Основи на идеологијата и на политичката платформа на ДООМ“, „Проблемите на македонската обединителна рево­луција“, „Меморандум до европската конфе­ренција“, „Должностите на македонската емиграција“, „Експозе на ДООМ по македонското прашање“, „Апел од Централниот комитет на ДООМ до владите на НР Бугарија и на Советскиот Сојуз“, „ДООМ пред проблемите на македонската национална политика“.

Третиот том го содржи првиот од двата дела на обемниот историски роман на Богдановски со наслов „Македонска трагедија“. Во овој роман или белетризирана историја, е прикажана судбината на едно македонско семејство од едно кумановско село во периодот од 80-тите години на 19 век до забраната на ВМРО (Обединета) во 1936 година, растргнато меѓу бугарската и српската пропаганда и нивните завојувачки политики и присутните дејства на спротивставените струи и крила на ВМРО и на нејзините дејци, револуционери и месни војводи и комити. И во овој роман со историографска содржина и документарни елементи, има и идеолошки погледи и ставови на Богдановски, преземени од македонска историографија од 60-тите и 70-те години на 20 век, но многу пластично и сугестивно ја слика положбата на Македонецот во овој период, детерминирана од политичките ситуации кои се менуваат. И од книжевно-естетски аспект приказната е раскажана на солидно ниво, со што авторот влегува во македонските книжевни текови на 20 век.

Следните три тома треба да бидат објавени набргу. Четвртиот том ќе го содржи вториот од двата дела на историски роман на Богдановски „Македонска трагедија“, петтиот се однесува на уште еден обемен историски роман на Богдановски, а шестиот том од едицијата го опфаќа неговото политичко досие водено од Службата за државна безбедност на СР Македонија. Томот ќе опфати само мал дел од огромното досие на Богдановски коешто се наоѓа во Државниот архив на Република Македонија и изнесува вкупно десет архивски кутии.

Едицијата со оставината на Драган Богдановски се остварува со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Драган Богдановски (1949-1998), беше македонски публи­цист, новинар, политички емигрант, дисидент, политички затвореник, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, кој 30 години беше во челните редови на македонската патриотски настроената емиграција, посветувајќи го целиот свој живот на идејата за независна, обединета и демократска Македонија. Со таквата своја дејност, Богдановски од своите младешки години, па речиси до својата смрт, беше изложен на невидени притисоци и репресија од страна на југословенските и македонските служби за државна безбедност, како и од европските разузнавачки служби. Национално патриотски и македонски определен и со изразита антикомунистичка идеолошка ориентација, Бог­дановски беше постојан предмет на напади од страна на македонската комунистичка пропаганда, прогласен за непријател на југословенското братство и единство, рушител на социјалистичката федерација и директен непријател на југословенскиот „автентичен“ комунизам.

Роден е во селото Клечовце, Кумановско. Во 1949 година се запишал на Земјоделскиот факултет во Земун, но во 1951 година бил исклучен од факултетот без право на упис на кој било уни­верзитет во Југославија. Веднаш потоа емигрирал и во текот на својот живот престојувал во Грција, Италија, Аргентина, Бразил, Франција, Норвешка, Шведска, Белгија…, организирајќи ја македонската емиграција и издавајќи весници и списанија посветени на македонското прашање. Македонската Управа за државна безбедност, уште во 1952 година оформила полициско досие за Богдановски, категоризирајќи го како „екстремен емигрант и непријателски дел на македонската емиграција на Запад“.

Во јуни 1977 година Драган Богдановски бил уапсен во Париз од југословенската тајна полиција. Со дипломатско возило бил пренесен во Љубљана, а оттаму со воен авион во Скопје. Околу две години тајно бил чуван во резерватот „Јасен“. Во декември 1978 година бил префрлен во истражен затвор. Македонската јавност првпат ќе слушне за случајот Драган Бог­дановски со објавената вест за судскиот процес против него во весникот „Нова Македонија“, на 17 февруари 1979 година, дека за непријателска дејност е осуден на 13 години затвор. Од затворската казна, што ја издржувал во затворот Идризово, бил ослободен во 1987 година. Поголемиот дел од своите обемни ракописи ги пишувал во затворот Идризово, каде што му било дозволено да ја користи затворската библиотека.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска