Објавени добитниците на Рациновите признанија за 2015-та

Од:

Добитник на Рациновото признание за 2015 година е Димитрие Дурацовски за романот „Бледи сенки, далечни гласови“, соопшти денеска на прес-конференција во Велес претседателот на жири комисијата Паскал Гилевски.

Жирито за ова признание, покрај Гилевски кој е минатогодишен лауреат, го сочинуваа и професорките по книжевност од Скопскиот универзитет Елизабета Шелева  и Марија Ѓорѓиева Димова.

Како што образложи за Гилевски, романот „Бледи сенки, далечни гласови“ се издвојува со својата иновативна авторска постапка во која се содржани неколку битни елементи. Од една страна се забележува преплет на различни жанровски модели, вкрстосување на интимен поттекст и обраќање со ангажиран однос кон актуелната општествена ситуација.

– Од друга страна во ова дело оживуваат на суптилен начин незаборавните бледи сенки и далечни гласови од интимното и колективното минато во кое секој може да се препознае себеси. Со ова дело Дурацовски дава автентичен придонес во осовременувањето и збогатувањето на развојните потенцијали на нашето прозно творештво, појасни Гилевски.

Инаку, од седумте автори на исто толку романи кои беа во конкуренција за Рациновото признание, во потесниот избор влегоа две дела.

Како што појасни членот на жирито професор Елизабета Шелева, вториот писател кој влегол во потесен избор за Рациновото признание бил Сашо Димоски за романот „Алма Малер“.

– Ние сме убедени дека и овој автор и овој роман во иднина ќе имаат свој убав понатамошен развоен пат, потенцира Шелева.

Наградата ќе биде доделена во рамките на годинашните 52. Рацинови средби на 12 јуни.

Денеска беше објавен и добитникот на нововостановената награда „Антологија на болката“ која се доделува за дебитантска необјавена стихозбирка љубовна поезија.

Како што образложи Васил Зафирчев директор на манифестацијата Рацинови средби, жири комисијата во состав: Ана Ќофкарова директор на ИК „Култура“ како претседател и Сашо Димоски поет и писател и Игор Крајчев поет и писател, едногласно одлучиле наградата „Антологија на болката“ за 2015 да и биде доделена на Сузана Мицева за стихозбирката „Мостот на копнежите“, а во конкуренција на седум стихозбирки.

– Ова стихозбирка во себе носи сериозен амалгам од поетски слики произлезени од автентично женско поетски писмо. Слики кои никнуваат од еден сериозен емоционален колорит, кои прашуваат и одговараат, слики кои во себе содржат цели светови и мигови едновремено, рече Зафирчев.

Наградата  „Антологија на болката“ на Сузана Мицева ќе и биде доделена на 11 јуни на свеченото отворање на 52. Рацинови средби кои со мошне богата  програма, со нови содржини и концепции од 11 до 13 јуни ќе се одржат во Велес, родниот град на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска