Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна ја објави книгата „Трословната книга“ во превод од старокинески јазик, предговор, белешки и прилози на Игор Радев.
-Книгата претставува книжевно дело кое го опфаќа повеќемилениумскиот идеал на кинеската цивилизација, напишано во XIII век и неколку векови останува базично едукативно четиво за восприемање на суштината на кинеската култура, филозофија, историја, етика и хуманизам. Овој некогашен буквар за моралните вредности во Кина, всушност претставува сублимат на целокупната кинеска и далекоисточна култура, информира „Македонска литера“.
Книгата го добила насловот според структурата на текстот, каде што секој ред се состои од по три кинески знаци. Трословната книга првично била намената за деца, со цел да им послужи како учебник со чија помош на едноставен начин ќе можат да ја воспримат срцевината на кинескиот културен опит од секој негов аспект.
-Вредноста на преводот на ова дело на македонски е двострана – најпрвин, на нашиот читател му овозможува на еден пристапен начин да се запознае автентично со основните културни придобивки на класична Кина во нивната целост, но истовремено му дава можност да ги восприми, или во најмала рака да стапи во дијалог со вредностите на образовниот етос што ги дефинира денешните далекуисточни нации. Трословната книга е една од најрано и најчесто преведуваните класични кинески дела во странство, велат од „Македонска литера“.
Во предговорот, Игор Радев, меѓу другото пишува: „Трословната книга, а поточно нејзината конфуцијанска идејна подлога, има вршено и можеме да кажеме дека сè уште врши огромно влијание и врз образовната култура на Кина, како и на преостанатите земји од источноазискиот цивилизациски простор, како што се Кореја, Јапонија, Виетнам, кои понекогаш се нарекуваат и „Конфуцијански комонвелт“. Трословната книга, барем од времето на династијата Ми́нг (1368-1644), и официјално станува прва книга со којашто децата го започнувале своето формално образование. Во тоа својство, таа претставувала составен дел од она што се нарекувало „воспитно учење“ (ме́нг ’шјуе́), или просто кажано со современа терминологија – педагошка наука“.
Радев објаснува дека, во својство на основоположни текстови, освен Трословната книга, спаѓале и Сочинението од илјада знаци и Стоте презимиња), коишто имале, пред сè, лексичка функција, односно служеле како почетни учебни помагала за совладување на кинеското писмо и основниот вокабулар на кинескиот јазик.
-Трословната книга е особено прифатлива за странските читатели, зашто им нуди во едно компактно „пакување“ повеќестран увид во цела една цивилизација. Притоа, странскиот читател ќе може особено многу да научи за теоријата на образованието и за работната етика на далекоисточните народи. Да се сетиме дека многумина во светот соочени со современиот вртоглав развој на спомнатите земји, си го поставуваат предвидливото прашање: „Која е тајната на нивниот успех?“. Верувам дека во достаточна мера дел од одговорот ќе најдеме на страниците на Трословната книга! Да не заборавиме дека целта на оваа книга ја трансцендира културната средина во којашто настанала, та повикувајќи се на основното конфуцијанско начело што таа го изразува, односно дека сите луѓе на светот споделуваат иста природа и дека секој може да се образува, нејзината порака добива и универзално значење, вели Радев.
Книгата содржи и два прилога – Осврт кон кинеската историја и Хронологија на кинеската историја.