Избор од поезијата на познатиот хрватски писател Миљенко Јерговиќ на македонски јазик објави издавачката куќа „Везилка2011“ од Скопје. Јерговиќ пошироката читателска публика го познава како првокласен прозаист, автор на дваесетина книги проза. За своите романи и раскази е добитник на сите позначајни награди во Хрватска, а и во повеќе европски земји. Книгите му се преведени на дваесетина јазици.
„Промена на времето“ е избор на 77 песни од поетскиот опус на Јерговиќ, што за македонските читатели го приреди Ристо Лазаров, кој е автор и на препевите и на поговорот кон изданието.
Овој избор ја потврдува раскошната поетска дарба на Јерговиќ и уверливо сведочи дека поезијата на овој автор неправедно е во сенка на неговото прозно творештво.