Објавена „Press & Play“ од Ненад Георгиевски

Од:

Како запис за еден квалитетен период во креативниот процес на голем број македонски музичари, авторот Ненад Георгиевски ја издаде книгата „Прес енд плеј“ („Press & Play“) која вчера беше онлајн промовирана на фејсбук-страницата на „Литература.мк“.

Како што соопшти „Арс Ламина“ станува збор за дело на англиски јазик составено од рецензии на албуми, концерти и фестивалски настапи на домашни изведувачи кои овој музички новинар ги има објавено во реномираниот светски медиум „Ол абаут џез“ („All About Jazz“). Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“ и може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се купи онлајн на www.literatura.mk.

Модератор на промоцијата беше музичката новинарка Бранка Костиќ-Марковиќ, а покрај Георгиевски се вклучија и уредникот на делото Милан Дамјаноски и Оливер Јосифовски од групата „Љубојна“. Во „Прес енд плеј“ („Press & Play“), меѓу другото, се вклучени и рецензии за Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Ади Имери, Гоце Стефковски, Џон Аплелгрин, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија саунд систем“, „Проект Жлуст“, „Скопскиот џез фестивал“, „Офф-фест“ итн.

‒ Кога зборуваме за „Ол абаут џез“ („All About Jazz“) мора да кажеме дека овие текстови минале низ филтерот на еден етаблиран светски медиум. Ние секогаш се гордееме со музичарите кои завршиле на „Беркли“ или на други познати академии, а „Ол абаут џез“ („All About Jazz“) е еден вид новинарска академија бидејќи сте на испит секојпат кога ќе поднесете еден текст. Со тоа се покажува и самата вредност на македонската музика која минала низ тестот на квалитет на тој медиум. Сепак, во „Ол абаут џез“ („All About Jazz“) се бележи светското џез творештво и наследство. Со самиот факт дека овие рецензии биле вклучени таму и дава еден кредибилитет на оваа книга, истакна рецензентот Дамјаноски.

Во рамки на вчерашната промоција, Георгиевски се потсети на времето кога ги почнал овие соработки.

‒ Овој медиум има ограничување од околу 510 зборови за рецензиите. Првично имав проблем да ги доловам историските, политичките, културолошките корени кои нас и нашата музика ја прават поразлична. Воедно, на тој начин да ѝ доловам на една читателска публика која не е од нашето подрачје како се создала оваа музика. Но, полека, низ таа комуникација со уредниците на „Ол абаут џез“ („All About Jazz“) и јас растев и се развивав како автор, појаснува Георгиевски и додава дека книгата „Прес енд плеј“ („Press & Play“) е резултат на неговата 15-годишна работа во овој медиум.

Музичарот Оливер Јосифовски, пак, истакна дека читајќи ја книгата се сретнал и со многу интересни видувања на Георгиевски кои му отвориле и интересни перспективи.

‒ Кога создаваме музика може да кажам дека е акција, а оваа книга е реакција. Ако не е забележано ова време, нема да знаеме кога ќе дојде подоброто време. Сега имаме документ и сведоштво. Освен цедеата, пишаниот збор е многу важен. Му честитам на Ненад за брзото реагирање. Ако немаме сведоштво од ова време нема да знаеме дали било добро, посочува Јосифовски.

„Прес енд плеј“ („Press & Play“), додаваат во соопштението, е трета книга на Георгиевски и во 200 страници може да се прочитаат голем број рецензии наменети за македонски музичари.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска