Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ заедно со групата Scuola di poesia – делегација Македонија, дел од Светската унија на поети (WUP) ја објави осмата електронска стихозборка „Отковидување“, зборник поезија кој ја обработува темата Ковид-19 и сѐ она што не окупираше глобално оваа година, а е поврзано со коронавирусот. Во книгата се застапени стотина автори меѓу кои Михаил Ренџов, Катица Ќулавкова, Веле Смилевски, Виолета Танчева Златева, Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Драгана Евтимова, Ненад Јолдески, Ерол Туфан, Роман Кисјов, Амир Ор.
Од Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ информираат дека на околу 200 страници „Отковидување“ претставува збир од автори кои беа дел од иницијативата #СоПоезијаПротивКорона и на овој начин го пополнуваа недостатокот од емпатија кој е секогаш носечки проблем кога човештвото е во криза. Посочуваат дека стихизбирката претставува пресек на една година која остави трага кај сите
– „Отковидување“ е зборник со стихови кои прават поместување, ве фрлаат во безизлезност, во стравот од непознатото, но и преку призмата на смиреноста знаат да вродат со надеж, некои од нив се своевидно семе на бестрашноста, можност да се согледаат нештата од друг агол. Оваа осма е-збирка претставува фантастичен збир на поетски епизоди, контролно тестирање на нашиот поетски пулс. Уредник на „Отковидување“ е Митко Гогов, тоа е книга со поезија поделена во неколку циклуси, истовремено збогатена со визуелни илустрации од светски уметници, како и со ковид галеријата со уникатните дизајни на Елена Банчотовска. Пред Вас се наоѓа едно ново поетско издание, дозволете да ве изненади инспирацијата која овие автори ја добиле од овие времиња-невремиња на искушение, не оставајте ова да биде ваш нереализиран чин и можност да си подарите нов зборовен облак или ново зборовно небо… Кога ќе се соочиме со еден ваков вид на несреќа, како пандемијата што е присутна во моментов, би можеле да се запрашаме колку навистина е важно креативното пишување во светот и колку е важен гласот на поетите кои одговориле на сопствениот интимен повик, се наведува во соопштението од Здружението.
Заинтересираните граѓани оваа книга можат бесплатно да ја прочитат на следниот линк.