Новелата „Време на тивки разговори“ на швајцарската писателка Ан-Лиз Гробети е објавена на македонски јазик од „Македоника литера“. Преводот од француски јазик го направи Катица Гароска Ацевска.
Новелата за млади и возрасни „Време на тивки разговори“ (2001) е поетска проза за пријателството. Делото претставува ретроспективен опис на минатото, каде што нацизмот воопшто не е директно споменат, но е осудуван преку слики, метафори и со атмосферата што постепено станува сè потешка. Приказната ги нагласува улогата на јазикот и неговата манипулација што води до нетолерантност и до неприфатливост. Делото нуди интересна дихотомија меѓу поезијата, литературата, љубовта спрема пријателот (човекот) и нацизмот.
За делото „Време на тивки разговори“, кое е преведено на многу јазици, Ан-Лиз Гробети, во 2001 година, ја доби наградата „Сент Егзипери“, а подоцна и наградата „Сорсиер“.
Оваа новела е одлично четиво за пријателство кое секогаш може да им се спротивстави на најлошите појави и да ги победи омразата и насилството. Таа е своевидна лирска балада за вистинското пријателство.
Меѓу нејзините најпознати романи се вбројуваат: „Зеро позитив“, „Бескрајно плус“, „Зимска свршеница“, „Убавата дама што каса“, „Омилен“. Во 2000 година ја добила престижната награда „Гранд при Ц. Ф. Рамиз“.