Објавена нова книга од Марина Мијаковска

Од:

Во издание на Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) од печат излезе книгата „Écriture féminine и романот: Прилог кон феминистичката теорија на жанрот“ на Марина Мијаковска.

Како што соопшти издавачот, во книгата дадена е нова перспектива во книжевно-теориското истражување на женското писмо и романот како книжевен жанр.

– Целта на книгата е да се разгледа пристапот на жените до романот. Тука првпат се изделени модели на женско писмо во роман како посебни феминистички модели на текст. Темата се однесува на женското творештво. До XVIII век женското творештво е покриено со плаштот на вековната тишина. Во XIX и XX век можеме да говориме за појавата на првите романи на писателките. Во романот како жанр со слободни контури, писателките можат најлесно и најдобро да се изразат себе си и да ја прикажат стварноста. Зошто постои женското писмо? Женското писмо постои затоа што постои женската субјективност. Женскиот субјект пишува преку телото, смета Мијаковска.

Книгата се состои од теориски дел, интерпретативен дел и заклучок. Структурата на ова дело има форма на женско тело од шест главни органи: уводен теориски дел („нога“) Женска телесна морфологија, среден теориски дел („нога“) Писмо на тишината, главен теориски дел („труп“) Женското писмо и романот, прв апликативен дел („гради“) Модели на женско писмо во роман I, втор апликтивен дел („врат“) Модели на женско писмо во роман II и заклучок („глава“).

Главен предмет на интерес во трите теориски глави се: стереотипните слики за женската телесна морфологија, авторките на романи во Европа кои пишувале под машки псевдоними, теориските аспекти на женското писмо во француската школа, телесниот јазик како женски јазик и наративниот глас, одликите на женското писмо како écriture féminine и феминистичките модели на текст. Се диференцираат следниве три модели на женско писмо во роман како феминистички модели на текст: ткаење на текстот (женска пајажина), герила женско писмо и субверзивно јазично женско писмо.

Во четвртиот и петтиот, апликативен, дел, авторката се задржува на избран корпус од англиската, француската и македонската литература. Моделот ткаење на текстот (женска пајажина) е прикажан преку интерпретацијата на романите „Кон светилникот“ од Вирџинија Вулф и „Куклите на Росица“ од Оливера Николова. Моделот герила женско писмо е прикажан преку интерпретацијата на романите „Орландо“ од Вирџинија Вулф и „Скриена камера“ од Лидија Димковска. Моделот субверзивно јазично женско писмо е презентиран преку интерпретативната анализа на романите „Љубовникот“ од Маргерит Дирас и „Помеѓу“ од Ирена Јорданова.

-Клучната цел на оваа книга е да се докаже дека откриените три модели на женско писмо во роман се универзално применливи врз романи од светската и националната книжевност, соопшти издавачот.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска