Објавена книгата „Viola arsenica; белешки за поезија“ од Влада Урошевиќ

Од:

Издавачката куќа „Готен“, во соработка во Македонската академија на науките и уметностите, ја објави книгата „Viola arsenica; белешки за поезија“ од Влада Урошевиќ.

Во книгата авторот ги искажува своите сфаќања за поезијата и поетската уметност, а се состои од извадоци од негови есеи, разговори, интервјуа, говори, автобиографски текстови, поговори.

– Во книгата се опфатени записи од целиот творечки живот на Урошевиќ. Првите текстови датираат од 1959 година, а некои од последните текстови се напишани непосредно пред излегувањето на книгата. Книгата на фрагментарен и концизен начин нуди преглед на согледувањата на тоа што за авторот претставува поезијата, нејзините преокупации, цели, суштински карактеристики, како и нејзината иднина во времето кое сè повеќе ја маргинализира, соопшти „Готен“.

Книгата содржи и краток ликовен есеј на авторот на тема „Наука и уметност“, а завршува со фотоесеј на фотографот Роберт Јанкуловски на тема „Авторот и моделот“.

Влада Урошевиќ е поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Роден е во 1934 година во Скопје. Работел како соработник и уредник на редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје, а во 1982 година почнува да работи на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје.

Влада Урошевиќ е член на МАНУ, на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и на Европската поетска академија со седиште во Луксембург. Има објавено повеќе од 30 книги. Добитник е на бројни награди, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Григор Прличев“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Стале Попов“.

Би можело да ве интересира

Нова поетска книга на академик Влада Урошевиќ на руски јазик

Влада Урошевиќ добитник на наградата „Антева златна книга“

Промоција на нова книга поезија од Влада Урошевиќ