Во издание на книгоиздателството „Бегемот“ излезе од печат книгата урбани есеи „Медиумот што недостасува“ со поднаслов „Знаците на вашата и нашата младост“ и тематски додаток за книгата, кој гласи: „Скопски отсутности или Записи од локалните (веле)градски недостатоци“ од авторот Томислав Османли.
Станува збор за второ и дополнето издание на книгата урбани есеи што Османли ја објави далечната 1992 година. Писателот, инаку познат по неговото разнородно творештво, во оваа книга, низ прониклив текст исполнет со привлечност и со шарм ги анализира дефицитарните урбани вредности, односи, навики и феномени во нашата средина.
Новото издание книгата „Медиумот што недостасува“, „која – забележува авторот во својот нов предговор – своевремено скопјани ја купуваа и си го подаруваа“, одново е достижно за љубопитните читатели на урбани есеи и од новите генерации…. Елиптичкиот принцип на набројување на непостојните или исчезнати вредности претставуваат критичка и ведра есеистичка сложувалка на тие урбани, културни недостатоци, но и недостигања. „Бегемот“ ја преобјавува книгата есеи „Медиумот што недостасува“, со оглед дека и денес – неполни три децении подоцна – социјалните медиуми и вредностите од регистарот на културата на урбано живеење – не престануваат да му недостасуваат на градското, како пристојно граѓанско живеење.
Книгата започнува уводниот текст насловен „(И)реалноста како медиум“ и неа понатаму ја составуваат три дела со есеистички осврти на различни феномени на урбаната културна и семиотика, насловени „Надворешни знаци“, „Урбани медиуми“ и „Социјални знаци“.
Османли како знак се осврнува на дефицитарни појави како што е насмевката во јавната комуникација, на графитите, мирисите на градот, но и на светлините, плоштадите, водните знаци, на пазарите на Скопје и на Скопје како казан во кој превриваат култури, слоеви и уметнички феномени, тој се осврнува на парите како медиум – според социолошки толкувања на канадскиот теоретичар Маршал МекЛуан за медиумот како комуникатор, но и на комуникаторот како своевиден медиум – па продолжува да ги разгледува феномените и на шалтерот, новата општествена поделба, пешакот и неговиот одземен тротоар… Книгата есеи за нашите урбани и велеградски некомплетности, кои ги чекаме со децении, завршува токму со есеј, со извесен ироничен призвук, насловен „Годо“, според познатата драма на Бекет во која бескрајно се чека насловниот лик.
Книгата „Медиумот што недостасува“ на Томислав Османли е објавена во едицијата насловена „Плочка“. Под уредништво на Филип Димевски, ликовното и графичко уредување на книгата и на корицата го реализира Наталија Лукомска, а јазичната редакција Андреј Јованчевски. Книгата е објавена со поддршка на Градот Скопје.