Во издание на „Македоника литера“ излезе од печат филмолошката книга на Илинденка Петрушева „Само сонот е стварност“ со поднаслов од бележникот на еден филмолог. Книгата е структурирана во шест целини со филмолошки студии, есеи и филмски рецензии.
Петрушева пишува за историските, естетските и феноменолошките аспекти на филмот, при што како проучувач на филмот се занимава и со неговата историја.
Освен како педантен и префинет филмски критичар, таа на есеизиран и вдахновен начин во книгата обработува одредени историски процеси и естетски тенденции на филмската уметност во светот, збогатувајќи ја книгата со мноштво сознанија и историографски податоци. Затоа, ова нејзино дело може да се смета за книга во која може да се дознае или да се научи нешто повеќе за јапонскиот, рускиот, чешкиот, шпанскиот филм…, за авторите Фасбиндер, Саура, Тарковски, за Сабо…, за филмовите што кај нас, во одреден период, биле на кинорепертоарот и го привлекувале вниманието на љубителите на филмот.
Но пред сè – да се дознае и да се научи нешто повеќе за македонската кинематографија – што се случило во далечната 1897 година, што снимиле Французите во филмските студија во Венсан, близу Париз, во далечната 1903 година, што правел снимателот Нобл во Македонија во 1903 и 1904 година, што снимале домашните и странските филмаџии во Македонија од 1903 до 1954 година, каква била фасцинацијата кај нас од киноприкажувањето, како започнала организираната македонска кинематографија по Втората светска војна… Со еден збор ова е ретка и исклучителна филмолошка книга во која е понудена богата тематска палета за седмата уметност.
Илинденка Петрушева е филмски критичар, филмолог, истражувач на филмската историја. Родена е во 1944 година, школувана во Скопје и во Загреб. Во Кинотеката на Македонија работела од формирањето, во 1976 година, до заминувањето во пензија. Учесник е на бројни домашни и странски научни симпозиуми.
Птерушева е автор на книгите Филмолошка библиографија 1944-1954 (Кинотека на Македонија, 1991), Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000 (Киносојуз на Македонија, 2001), Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи (Македонска реч, 2005) и Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011 (Кинотека на Македонија, 2011).