Од печат излезе „Амбиент“ – книга петта (2019-2020) (анализи, колумни, коментари, интервјуа…) на Зоран Иванов, еден од бардовите на македонското новинарство. Редактор и издавач и на оваа книга, хронолошко продолжение на претходните „Амбиент“ 1, 2, 3, 3/1 и 4 е Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист.
Како што соопшти редакторот и издавач, „Амбиент – 5“ ја заокружува своевидната пенталогија на Зоран Иванов, која почна со „Амбиент“ – книга прва (1990 -1994) и „Амбиент“ – книга втора (1995 – 1997), објавени во 1999 година и која продолжи со „Амбиент“ – книга трета (1997 – 2012), „Амбиент“ – книга трета/1 (2013-2015) и „Амбиент“ – книга четврта (2018 – 2019), која беше објавена пред десетина дена.
– Во серијата книги од 1 до 5 насловени „Амбиент“, се поместени бројни журналистички трудови на Зоран Иванов. Но, тоа, сепак, е само еден дел од неговото речиси петдецениско новинарско творештво на радио, на телевизии, во дневни и периодични весници и на веб – портали. Серијалот „Амбиент“, што го реализира Свето Стаменов, е своевидна тридецениска хронологија на македонските турбуленции во периодот од пред и за време на осамостојувањето на Македонија, транзициските премрежија, егзистенцијалните, меѓуетничките, партиско – политичките турбуленции, како и нестабилните меѓународни позиции на државата. Содржини од оригинални, авторски новинарски текстови на теми кои сместени меѓу кориците на петте „Амбиенти“ на Зоран Иванов, го актуелизираат и ова време сегашно и она натаму идно, соопшти издавачот.
„Амбиент – 5“ содржи 56 новинарски текстови (анализи, колумни, коментари) објавени на веб – порталот „Цивил“ и во дневниот весник „Слободен печат“, кои се однесуваат на актуелните случувања во земјава во годините 2019 и 2020, новинарски содржини на теми од актуелните македонски внатрешни и меѓународни турбуленции, за политиката и политичарите, за клиентелизмот и корупцијата, за вистините и лагите… Во оваа книга се поместени и 11 интервјуа што Зоран Иванов ги реализира за рубриката „Прес – конферeнција“ на дневниот весник „Слободен печат“ со познати личности од сите области на јавниот живот во нашава земја во периодот март – мај 2020 година.
И во „Амбиент – 5“ Зоран Иванов, како што се наведува, како и во претходните книги, останува актуелен, уникатно директен. Напати ироничен, но содржаен, покажувајќи ги ретката аналитичка дарба и неверојатиот сенс преку актуелните случувања да ги предочува и наредните неминовни процеси и настани.
-Неговиот стил е посебно посебен. Неговиот новинарски израз е реторика во пишана форма. Таков е и сега во „Амбиент – 5“. Како и во неговите претходни книги со ист наслов, така и во овој петти „Амбиент“, силно блика неговиот новинарски карактер, неговиот нескротлив новинарски темперамент рамен на новинарска страст. Зоран Иванов е новинар. Нетипичен, различен. Посебно оригинален во храброста, во одважноста. Во инаетот можеби. Во ставот да го истера своето преку исклучително професионалниот новинарски израз. Да си го каже личниот суд за нештата. Го прави тоа без какви било калкулации. Без меѓуредови. Без премисли. Без задршки. Онака најдиректно, журналистички силно, наведува издавачот на книгата.
„Амбиент“ – книга петта (2019-2020), заедно со „Амбиент“ – книга четврта (2018-2019) е уште една рефлексија на, сега веќе, петдецениското новинарско творештво на Зоран Иванов, бард на македонското новинарство, аналитичар, хроничар на денот и времето.