Во најновиот, јунски број (95/2014) угледното сефардско списание „Los Muestros“ коешто, инаку, се појавува четири пати годишно, дообјавена е новелата „Раката на ХеВХаЈ“ на нашиот автор. Станува збор за трагична љубовна повест која се случува во воена Битола за времето на големите јудејски празници, од Рош Хашана, еврејската Нова година, до Ханука, празникот на светлината. Оваа проза е дел од наградената збирка “Светилка за Ханука” чии раскази и новели доживеаа многукратни објави во странство, при што бриселското списание „Los Muestros“, во многукратни преводи на англиски јазик до крајот од минатата година, ја објави целата книга на Томислав Османли, меѓу нив и оваа новела. Прозите на македонскиот писател сега се преобрајуваат во превод на Ладино или јудео-шпански, јазикот на еврејските Сефарди кој до средината на Втората светска војна се говорел и во Македонија.
Претходно, овој превод на расказот од Османли беше објавен на електронската мрежа од системот Sefarad.org на кој му припаѓа и реномираното бриселското списание.
Преводот и овој пат е реализиран од Белгијанката, Шапоре Бланко којашто, инаку, најде за потребно да го забележи и својот коментар при воведот во прозниот текст на Томислав Османли, истакнувајќи:
– Ова е еден прекрасен, и во моите очи, текст од голема вредност. (…) Мислам дека овој текст има далеку повеќе вредност и вкус кога се чита на Ладино, јазикот којшто и Евреите од Македонија го говореле во она време. Ова е апсолутно автентично раскажана приказна за периодот пред избувнувањето на Втората светска војна – текст кој перфектно го опишува животот на Евреите и нивното окружување во Битола…
Во генералната содржина на списанието „Лос муестрос“ кое се појавува во Брисел,а се дистрибуира глобално, години со ред – покрај името на македонскиот автор – од број во број се бележи, не референтното, туку уставното име на нашата земја.
Инаку, Османли е еден од ретките, ако не и единствен македонски автор од нееврејско потекло којшто, дури со две прозни творби е преведен на Јудео-шпански, јазикот на сефардските Евреи со чии судбини се занимава неговата меѓународно забележана прозна книга.