Во издание на ИЛИ-ИЛИ од печат излезе романот „Бејрутското здружение Пеколен оган“ од Рави Хаж. По „Лебарка“, „Играта на де Ниро“ и „Карневал“, ова е четврти превод на канадскиот автор со либанско потекло, како 194 наслов во едицијата „ПРОаЗА“ на ИЛИ-ИЛИ.
Преводот е на Ацо Пероски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е помогнато од Канадскиот совет на уметности.
– На опустошената улица со поглед на гробиштата во христијанската енклава во Бејрут, се среќаваме со еден ексцентричен млад човек по име Павлов, син на локалниот гробар. Кога неговиот татко ќе се соочи со ненадејна и прерана смрт, на Павлов му приоѓа член на мистериозното друштво „Пеколен оган“ – антирелигиозна секта, која меѓу многуте бунтовни активности организира и таен погреб на отфрлените лица на кои им е оневозможен последниот обред. заради нивната религија или сексуалност, опишаа од „ИЛИ-ИЛИ“.
Канадскиот писател Рави Хаж е роден во Бејрут, и растел за време на либанската граѓанска војна во 70-те и 80-те години на минатиот век. Во 1991 година го пронаоѓа својот дом во Монтреал, Канада, каде живее и твори и денес. По таксирањето и експериментирањето со фотографијата, тој конечно се скрасува во книжевноста, покажувајќи дека неговиот несомнен талент долго време чекал да биде откриен. Неговите три романи, „Играта на де Ниро“ (2006), „Лебарка“ (2008) и „Карневал“, сите во издание на ИЛИ-ИЛИ, за кратко време постигнаа интернационален успех, ставајќи го Хаж на врвот на листите на омилени писатели кај многу угледни европски и американски интелектуалци.
Во 2018 година писателот го издаде засега неговиот последен роман, „Бејрутското здружение „Пеколен оган“, кој според добрите познавачи на литературата, претставува врв во неговата книжевна кариера.