По повод 80-годишнината од првото објавување на српски јазик на книгата „Крал К’зи” на српскиот историчар и ориенталист Глигорие-Глиша Елезовиќ, здружението „Диванхана” објави превод на македонски и на босански јазик.
– Цели 80 години делото „Крал К’зи“ на Елезовиќ беше недостапно за читателската публика во нашата земја. Во далечната 1939 година во печатницата на Драг Поповиќ во Белград, во списанието „Братство“, авторот го објавил ова дело не сомневајќи се дека еден ден тоа ќе биде едно од главните извори на информации поврзани со последната босанска принцеза, погребана во затскриеното турбе на падините на Гази Баба во Скопје, соопшти издавачот на преводот на делото во уредништво на Изета Бабачиќ и Неџад Мехмедовиќ.
Историчарот Елезовиќ утврдил дека турбето ѝ припаѓа на принцезата Емина (род. Катарина) Томашевиќ-Котроманиќ или Тарихи-ханум, ќерка на кралот Стјепан Томаш (1412-1461) и на кралицата Катарина Котроманиќ (1425-1478), историски потврдени за едни од последните членови на босанската кралска лоза на Котроманиќ.
Овој мавзолеј е реставриран и е реобновен во 2014 година (51 годинa по земјотресот во Скопје од 1963 г.), на иницијатива на Бошњачката културна заедница, а од страна на Министерството за култура, Зaводот за заштита на споменици Скопје, во соработка со Федералното министерство за култура и спорт на Босна и Херцеговина.
Книгата дава особено значајни податоци поврзани со последните наследници на Босанскoто кралство пред освојувањето од страна на Османлиите. Во книгата, на неколку страници, авторот Глиша Елезовиќ ја опишува кралската династија во детали, нејзината поврзаност со околните кнежевства, како и чинот на нејзиното пропаѓање.
– Oва дело е подеднакво значајно, како за скопјани, така и за припадниците на бошњачката заедница, кои со векови живеат на ова тло, затоа што се докажува дека во централното подрачје на метрополата живеела и е погребана принцеза и наследник на една значајна кралска лоза. Врз основа на податоците во книгата, турбето на Гази Баба заслужува да биде ставено во туристичката мапа на градот, наведува здружението „Диванхана“, издавач на преводот на книгата.