Избор од поезијата од познатиот македонски поет Ивица Челиковиќ, со наслов „Сенки на северот“, деновиве излезе од печат во издание на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија.
Во изборот се застепени песни од сите поетски книги на Челиковиќ, во првите шест циклуси, додека последниот, седми циклус, содржи претходно необјавувани песни.
За врвната поезија, се истакнува во поговорот што го напиша Венко Андоновски, се вели дека е зрно во кое се огледува целиот космос, дека е желад во кој се гледа идниот даб, дека е зрно пченка во кое може веќе да се види идното жнеење на цела нива класје.
-Така е и овде: поезијата на Ивица Челиковиќ почнува каде што привршува, и привршува каде што почнува. Таа е феноменолошка спирала на тонење во потрага по идентитетот: тема број еден во светската поезија и проза денес, се вели во поговорот.
Кругот на поетскиот свет на Ивица Челиковиќ, констатира Андоновски, е затворен уште од самиот негов почеток како поет. Во тоа е неговата пророчка димензија како литерат. Уште пред да се откорне од родниот праг, тој насетува дека потрагата по „мерата“ ќе заврши со животен дилетантизам, со пад на неизвежбан циркуски акробат (сите ја делиме истата судбина, не само оние што формално ја промениле адресата на живеење).
Ивица Челиковиќ живее и работи во Гетеборг, Шведска. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1990 година, а од 2003 година е член на Сојузот на шведските писатели. Автор е на книгите: „Школки во рацете“ (поезија, 1990), „Долги граници со небото“ (поезија, 1992), „Метаморфози на патот“ (поезија, 2002), „Зад источната линија“ (роман, 2004), „Возови во пајакова мрежа“ (поезија, 2006), „Праг и огледало“ (поезија, 2008), „Во ѕидот знак“ (поезија, 2010).
Негови стихови се преведувани на англиски, шведски и персиски. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои „Млада Струга“, „Златно перо“, „Иселеничка грамота“ и „Стојан Христов“. Преведува шведска и норвешка литертура на македонски јазик. Превел дваесетина дела од познати шведски писатели, меѓу кои од Аугуст Стриндберг, Селма Лагерлеф, Хари Мартинсон, Торгни Линдгрен, Биргита Тротциг, Астрид Линдгрен и Катарина Фростенсон.
Преведува и македонската литература на шведски. Составувач е на антологијата “Македонска поезија“ што во негов превод на шведски е објавена во 2005 година.