Објавен конкурсот за Меѓународната награда „Мостови на Струга“ за 2022 година на СВП и УНЕСКО

Од:

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), во соработка со УНЕСКО, распишаа конкурс за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“ за 2022 година за најдобра дебитантска книга од млад автор.

Конкурсот, како што соопштија од дирекцијата на СВП, ќе трае до 20 февруари годинава, а лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата – 21 Март.

Кандидатите, млади поети (под 35 години), треба да испратат три копии од дебитантската книга со која конкурираат, издадена во претходните две години и најмалку седум песни од истата книга преведени на англиски јазик, како и кратка биографија на англиски јазик на поштенската адреса на Струшки вечери на поезијата (поштенски фах 109, 6330 Струга, Република Северна Македонија) или преку националните комисии за УНЕСКО на државите членки. Апликацијата треба да се поднесе и во електронска верзија на веб-адресите на СВП: [email protected] и [email protected].Според конкурсот, кандидатите треба да го испратат ISBN бројот заедно со потребните материјали.

Наградата „Мостови на Струга“ вклучува статуетка, паричен износ и објавување на книга на добитникот во превод на македонски јазик;. Лауреатот ќе биде поканет да учествува на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга, што секоја година се одржува последната недела од август, кога и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.

Наградата „Мостови на Струга“ е востановена во 2003 година, како дел од опсежната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата – 21 март, со цел да се стимулира, промовира и афирмира поетското творештво, како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото. Секоја година, СВП и УНЕСКО заеднички го чествуваат овој ден, при што официјално се соопштуваат и промовираат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“. Досегашни добитници на наградата биле: Ангело В. Суарез (Филипини) 2004, Андреа Коте (Колумбија ) 2005, Маријана Гејде (Руска Федерација) 2006, Мануа Риме (Белгија) 2007, Антонија Новаковиќ (Хрватска) 2008, Усман Сарус (Сенегал) 2009, Сим Кера (Естонија) 2010, Хироши Таниучи (Јапонија) 2011, Франсоа-Ксавиер Мегр (Франција) 2012, Николина Андова Шопова (Македонија) 2013, Хари Ман (Велика Британија) 2014, Паула Бозалонго (Шпанија) 2015, Руна Светликова (Белгија) 2016, Горан Чолакхоџиќ (Хрватска) 2017, Паули Тапио (Финска) 2018, Моника Херцег (Хрватска) 2019, Мартина Стракова (Словачка) 2020 и Владан Кречковиќ (Србија) 2021.

Би можело да ве интересира

Врачени највисоките признанија на Струшките вечери на поезијата

Жан Пјер Симеон: Поезијата е местото каде можеме сите да се обединиме

Врачување на највисоките признанија на СВП на традиционалната манифестација „Мостови“

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Сиљановска Давкова ги прими лауреатот, добитничките на награди и организаторите на 63. издание на Струшките вечери на поезијата

„Струшки вечери на поезијата“ од 22 до 26 август под мотото „Допир на убавината“