„Светли и темни ѕвезди во душата“ е насловена новата поетска книга на писателот Јован Стрезовски, која ја објави книгоиздателството „Панили“ од Скопје.
– Познатиот писател, како редок книжевен мудрец, на страниците од своето тематски возбудливо дело ги опева животот и смртта, љубовта и тагата, надежта и болката, притоа градејќи систем на високи естетски вредности, соопшти издавачот на стихозбирката.
Јован Стрезовски (Подгорци, 1931) има богат книжевен опус создаден во изминатите шест децении творечка дејност. Автор е на петнаесет прозни дела и на дванаесет поетски книги, високо вреднувани од критиката и наградувани со национални и меѓународни признанија.
Негови книги се преведени на повеќе странски јазици, а според романот „Вода“ е снимен антологискиот филм „Време, води“ во режија на Бранко Гапо.