Во рамки на 30-годишниот јубилеј од основањето, „Матица македонска“ ја објави поетската книга „Куќа во куќа“ од современата македонска поетеса Гордана Михаилова-Бошнакоска. Стихозбирката содржи четириесет и две песни, поделени во три циклуси кои сочинуваат тематска целина.
– Гордана Михаилова-Бошнаковска вешто ги обликува лирските слики и ја поедноставува поетската порака со асоцијации прифатливи и податливи за читателот. Нејзината песна е неделива од природата, таа е отргната од прегратката на животот, од скриената смисла на секојдневните процеси, расположби и душевни немири, посочува Раде Силјан во препораката на изданието.
Гордана Михаилова-Бошнакоска (Битола, 1940) е авторка на стихозбирките: „Времето го нема“, „Писма“, „Влегување во Делта“, „Њујорксон“, „Нордиски љубовници“, „Планини од картонски кутии“, „Пораките на далечините“, „Толкување на морето“, „Докази“, „Допири“, „Мајките“, „Песна на ридот“, „Исповедта на сликарот“ и на прозните книги „Босфорско лето“ и „Потрага по приказна“.
Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и на „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија.