Македонската литература за деца, деновиве е збогатена со новата стихозбирка „Наумување“ од Наум Попески.
Станува збор за над седумдесет најнови песни на овој наш истакнат автор за деца, кој над четири децении е активно присутен со свои творби низ сите списание за деца кај нас, во читанките по македонски јазик, во повеќе антологии и збирки со поезија за деца, како и со своите над петнаесет книги, меѓу кои најпознатата Бонтон за деца, прв бонтон на македонски јазик, објавена пред околу 18 години.
Низ стиховите на оваа книга провејува ведрина на едно весело детско растење, низ благ хумор, но и песни со поука и со љубов кон природата, кон татковината и меѓусебното детско другарување како во училиштето, интернетот, така и во секојдневието.
Книгата „Наумување“ е во издание на книгоиздателството „Антолог“ од Скопје, а е финансирана од годинешната програма за издавачка дејност на Министерството за култура на Република Македонија.