Издавачки центар ТРИ со свежа книга на полиците – збирката колумни на мајсторот на зборот и теоретичар на книжевноста, професорот Венко Андоновски, наречена наједноставно „Најчитаните и најнечитаните колумни“.
Во книгата се собрани колумни од Венко Андоновски настанати во периодот 2018 – 2020 година, кои зборуваат за важни мигови во општествените случувања, но и изразуваат став кој нема секогаш да биде прифатен. Самиот автор вели дека оваа книга е своевиден доказ дека пишувачот често може да има право, а некогаш може и да се „лизне“ на одредени теми, а сето тоа е – лична вистина и перцепција.
Како автор на многу книги и со над 35-годишно искуство во овој жанр, „Најчитаните и најнечитаните колумни“ на Андоновски е еден вид негова оддишка и сублимирање на годините во кои неговиот став јавно одекнуваше во медиумскиот простор. Експериментирајќи со политичката колумна како жанр, обидувајќи се да ја оддалечи од вулгарно политичкото и да ја доближи до здравото логичко мислење, личното толкување на фактите, до есеистиката, до сопствениот став и сопствената гледна точка, новата книга на Венко Андоновски е ризница на личните и колективните перспективи и логично согледување на состојбите на еден буден современик и писател.