Кинотеката на Македонија денеска го одбележа Светскиот ден на аудиовизуелното наследство на УНЕСКО со пуштање во употреба на новата дигитална опрема за прикажување филмови.
Опремувањето на киното со дигитален проектор ќе овозможи соодветна презентација на филмови и на аудиовизуелниот материјал кој Кинотеката го дигитализираше во изминатите години, како дел од нејзината работа за заштита на филмското наследство. Новата опрема и реновирањето на киносалата се поддржани од Министерството за култура со 4,1 милиони денари.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека новиот дигитален проектор наменет за киното во Кинотеката на Македонија е меѓу низата преземени мерки за зачувување на богатата кинематографска дејност во Македонија.
– Оваа современа дигитална опрема, но и целата кинотечна сала која е обновена, претставува надополнување на дејноста на заштита на аудиовизуелните добра, но е и клучен момент во континуираните заложби на Кинотеката на Македонија за развој на филмската култура во нашата држава. Новата дигитална опрема ќе овозможи во Кинотеката континуирано да се прикажуваат современите филмски остварувања, но и најновите дигитални реставрации на архивските филмови, рече Канческа-Милевска.
Потсети дека Министерството за култура донесе посебен закон за заштита на аудиовизуелните добра, а Кинотеката направи дигитална реставрација на голем број од материјалите што ги поседува, меѓу кои се филмските опуси на Љубиша Георгиевски, Столе Попов и Милчо Манчевски, филмовите на браќата Манаки и документарниот филм „Македонија во слики“ на Арсени Јовков. До крајот на годинава ќе биде завршена дигитализација на уште три долгометражни играни филмови, на режисерите Коле Ангеловски, Димитрие Османли и Владимир Блажевски.
Директорката на Кинотеката Мими Ѓоргоска-Илиевска рече дека со новата дигитална опрема институцијата влегува во нова епоха на дигиталната ера на киноприкажувањето.
– Дигиталните проекции нема во целост да ги заменат до сега раритетните и веќе ексклузивни проекции од филмска лента, и понатаму остануваме доследни и на 35мм филмски проекции. Сепак, дигитализацијата на кинотечното кино ќе ни овозможи на публиката да и ги претставиме нашите проекти на дигитализација и дигитална реставрација кои силно говорат за националниот и културниот идентитет на Република Македонија, а истовремено и да понудиме програми на дигитализирано филмско наследство од колегите и филмските архиви од Европа и светот, рече Ѓоргоска-Илиевска.
Слоганот под кој годинава се одбележува Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е „Архивите во ризик: заштита на културниот идентитет во светски рамки“. Новата дигитална опрема беше покажана пред посетителите на настанот со проекција на инсерти од „Републиката во пламен“ на режисерот Љубиша Георгиевски и „Пред дождот“ на Милчо Манчевски – филмови кои беа дигитално реставрирани.
Во рамки на одбележувањето на празникот, Кинотеката му додели и Повелба на актерот Емил Рубен по повод 60 години од неговата прва филмска улога – во филмот „Тие двајцата“. Директорката Ѓоргоска-Илиевска воедно и му се заблагодари на семејството Рубен за одлуката да и додели на Кинотеката два ретки предмета од брендот „Pathe-Baby“ – филмски проектор на 9,5 мм филмска лента и аматерската камера, произведени во 1920-тите години. Тие ќе бидат дел од колекцијата експонати на Кинотеката на Македонија.