На штандот на „Табернакул“, во рамки на саемот на книгата, денеска ќе биде промовиран четвртиот број од активистичкото улично списание „Лице в лице“, а за секој купен примерок издавачот ќе подари книга.
Промотори на новиот број ќе бидат актерката Амернис Нокшиќи-Јовановска, спортистката Гордана Нацева, харфистката и актерка Весна Станојевска и писателот Иван Шопов. Тие ќе се дружат со продавачите на „Лице в лице“ и заедно ќе го понудат новиот број кој носи актуелни содржини од областа на активизмот, заштитата на животната средина, општествената одговорност, инклузијата, културата и уметноста.
Новиот број на списанието содржи две ексклузивни интервјуа – на шкотскиот писател Ирвин Велш и на холивудскиот актер Дастин Хофман. Дел од содржините е и мотивирачкиот блог на Анџела Агелер, советничката за односи со јавност од Амбасадата на САД во Македонија, пораките на бендовите „Бернајс пропаганда“ и „Старовски бенд“, кои прават позитивни промени во македонското општество, текст од писателката Лидија Димковска, мало истражување за навиките за читање, текст за донирањето органи, хуманитарната активност на организација од Австрија која преку донации се бори да им помогне на децата во Шуто Оризари.
– Со новиот број на „Лице в лице“ се проширува и нашата мрежа на продавачи, па така почнуваме соработка и со Здружението за поддршка на лица со посебни потреби „Солем“. Тие ќе дадат свој придонес во тимот на продавачи во кој се и младинци од Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари и бездомници за кои се грижи Црвениот крст на град Скопје, соопштија организаторите на оваа иницијатива.
„Лице в лице“ е активистичко списание што излегува како дел од Регионалната платформа за активизам, која во Република Македонија ја спроведува Центарот за медиумски активности (ЦМА) од Скопје. Тоа претставува пионерски чекор во областа на социјалното претприемаштво во земјава, со тоа што половина од продажната цена му припаѓа на продавачот.