Поетот Никола Маџиров ќе чита во „Квин Елизабет Хол“ во Лондон, на отворањето на најзначајниот поетски фестивал во Велика Британија, „Поетри Интернешнал“.
Вечер првпат ќе се чуе поезија на македонски јазик во „кралската сала“ во рамки на фестивалот, основан 1967 година од венцоносецот на Струшките вечери на поезијата, Тед Хјуз.
Маџиров е најавен од британските организатори како светски признат поет заедно со едни од најпреведуваните поети од САД, Роберт Хас и Каролин Форше, како и Ана Бландиана од Романија, и автори од Индија, Египет и Канада.
Никола Маџиров в сабота ќе чита и на промоцијата на најновиот број од британското списание посветено за поезија во превод „Модерн поетри ин транслејшн“, основано од Тед Хјуз во 1965 година.
На 20 јули Маџиров ќе настапи на големото читање во „Ројал фестивал хол“ каде ќе се претстават најдобрите 50 песни за љубовта напишани во последните 50 години. Британскиот „Гардијан“ ја објави листата на која Маџиров беше сместен со автори како нобеловецот Дерек Волкот, но и Маргарет Етвуд, Ив Бонфоа, Ружевич, Хикмет или Били Колинс.