„Ничија земја“ на МНТ ја освои Будимпешта и предизвика емотивна дискусија со публиката

Од:

Македонскиот народен театар синоќа на големата сцена на Националниот театар (Nemzeti Színház) во Будимпешта ја изведе наградуваната претстава „Ничија земја“, која, како што соопштија од МНТ, беше пречекана со неколкуминутен громогласен аплауз од унгарската публика.

Гостувањето е прв резултат од новопотпишаниот Договор за соработка меѓу директорот на МНТ, Никола Кимовски, и Атила Видњански, директор на Националниот театар во Будимпешта. Соработката ќе продолжи напролет, кога унгарскиот театар ќе гостува во Скопје.

-Со директорот на Националниот театар во Будимпешта, Атила Видњански веднаш се препознавме. Двајцата сме вљубеници во театарската уметност. Му благодарам и нему и на целиот театарски тим за големото гостопримство и врвен професионализам и со нетрпение ги очекувме следната година, кога унгарскиот театар ќе возврати посета со гостување во МНТ. Оваа соработка, можеби е мал чекор за театарот, но голем за европската уметност, истакна Кимовски, нагласувајќи го професионализмот и гостопримството на домаќините.

По завршувањето на претставата, актерите одржале интерактивна сесија со публиката, која прераснала во искрена дискусија за темите што ги отвора делото, човечноста, апсурдот на војната и траумите што ги остава зад себе.

Во претставата, режирана од Александар Морфов според делото на Данис Тановиќ, играат Сашко Коцев, Тони Михајловски, Александар Михајловски и уште дваесетина актери од ансамблот на МНТ.

Според актерот Коцев актерите се чувствуваат „како репрезентација која ги брани боите на Македонија“, додека Михајловски ја опишува претставата како „прекрасно и тажно дело за ужасите на војната“.

„Ничија земја“ претходно гостуваше на фестивалот „Acting Europe – Театар без граници“ во Ќустендил, а МНТ веќе има традиција на настапи во Будимпешта, со претстави во 2015 и 2017 година.

Би можело да ве интересира

Претставата „Народен пратеник“ на МНТ продолжува со регионалната турнеја

Стоечки овации за актерите и за „Ничија земја“ на МНТ на фестивалот „Театар без граници“

Премиера на „Драга Јелена Сергеевна“ во вторник во МНТ

МНТ со претставата „12“ на фестивалот „Охридско лето“

Претставата „12“ на МНТ најдобра на МТФ „Војдан Чернодрински“, публиката гласаше за „Слепци“ на Турскиот театар

Специјална Стериина награда за колектива актерска игра за ансамблот на претставата „Народен пратеник“