„Невидливите жени“ е изложба на фотографии направени во 5 македонски градови за време на теренската кампања „Жените буџетираат“ на Здружението за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска. Фотографиите ги документираат портретите на локалните жени во нивното секојдневие во Тетово, Гостивар, Дебар, Битола и Свети Николе. Изложбата ќе биде отворена на 08.07.2016 (петок) во Јавна Соба во Скопје, со почеток во 12:00 часот. Фотографиите се авторско дело на Дона Џамбаска и Лилика Стрезоска.
Оваа изложба претставува завршен настан од проектот на Акција Здруженска „Родовата рамноправност во локалните буџети“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество и спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Општата цел на проектот е да е да го унапреди третманот на родовите прашања во буџетското планирање на локално ниво преку зајакнување на капацитетите и поддршка на локалните НВО за следење и застапување на родовата еднаквост во буџетските процеси.
Во склоп на настанот ќе биде промовирана и публикацијата „Родовата рамноправност во локалните буџети“, која ги содржи наодите и препораките од едногодишниот мониторинг на локалните буџетски процеси. Истражувањата направени за време на проектот се однесуваат на следење на буџетскиот процес кој не е само процес на балансирање меѓу приходната и расходната страна на буџетот, туку и процес на поставување на приоритети и донесување на одлуки за прашања што влијаат на секојдневниот живот на мажите и жените и тоа на различни начини.