„(Не)видливиот музеј“ – едукативни настани за студенти

Од:

Во рамки на Програмата за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која ја спроведува Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), почнаа серија едукативни настани за студенти „(Не)видливиот музеј“.

Група студенти од Факултетот за драмски уметности-Скопје, Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА и од Државниот универзитет во Тетово денеска ја посетија Кинотеката на Македонија каде што одблиску се запознаа со работата на оваа институција чија улога е заштита, чување и презентација на аудиовизуелното наследство, како и со процесите на обработка, заштита и реставрација на аудиовизуелните добра.

Валентино Димитровски, раководител на Одделението за движно културно наследство од УЗКН, на настанот ја потенцираше важноста од воведувањето на предметот аудиовизуелно архивирање на Факултетот за драмски уметности и отворањето катедра за аудиовизуелно архивирање на Универзитетот ЕФТА.

Студентите имаа можност да проследат и проекција на дигитално реставрираниот документарен филм „Македонија во слики, 1923“ од Арсениј Јовков.

Целта на проектот „(Не)видливиот музеј“ е да се збогатат студиските програми со практична настава и запознавање со работата на музејските установи, воспоставување меѓуинституционална соработка, особено зајакнување на соработката со високообразовните институции, како и зголемување на интересот на студентите за музејската дејност и движното културно наследство.

Во рамките на оваа едукативна серија ќе бидат вклучени и студентите од Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет-Скопје, од Етнолошкиот факултет, од Факултетот за ликовни уметности и од Универзитетот „Фонтис“ од Холандија, кои во текот на април ќе остварат студиски посети во Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј на Македонија и Музејот на современа уметност.

Би можело да ве интересира

Премиера на детската театрска претстава „Плашливиот Лав“

Светска премиера на симфониската суита „Итар Пејо“ од Филип Иванов

Концерт на Италијаните Мариголд Бокс

Предраг Петровиќ

Кој ќе биде новиот Џејмс Бонд

Предраг Петровиќ

Застрашувачки трилер на Нетфликс: Сè застана на еден час

Предраг Петровиќ

Тематски стрип конкурс за ученици од Србија, Македонија и Албанија