Издавачката куќа „Граѓански форум“ го објави српскиот превод на романот „Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски. Преводот на изданието е на Алма Мујовиќ.
„Невидливи љубови“ е вториот роман на Владимир Јанковски, објавен во 2015 година. За оваа книга авторот го доби „Рациновото признание“ и беше македонски кандидат за меѓународната награда „Балканика“.
– Во откритието на необичните предмети на кои присуствуваме на страниците на „Невидливите љубови“ го наоѓаме, несомнено, сеќавањето за прошетките на Андре Бретон, кој во потрага по чудесниот предмет честопати талкал низ Болвјото пазариште, во северозападното париско предградие Порт де Клињанкур, смета писателот Влада Урошевиќ.
Елизабета Шелева смета дека романот на Јанковски постојано ја нагласува конститутивната моќ на Погледот, незаобиколното соучество на Другиот (во нашето идентитетско и естетско себезаокружување), како и улогата што во создавањето на сликата (односно, самата стварност) потполно несвесен за тоа, неминовно ја игра и самиот набљудувач.
-Во поглед на тоа, Јанковски типолошки се надоврзува на естетицизмот на големиот (или, можеби, последниот) англиски денди, Оскар Вајлд, запаметен по својата знаменита изјава, дека „убавината се крие во очите на набљудувачот‘“, напиша Шелева.
Владимир Јанковски е роден во 1977 година, а завршил Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи. Ги објавил следниве книги: „Скриени желби, немирни патувања“ (роман, 2020), „Невидливи љубови“ (роман, 2015), „Вечно сегашно време“ (роман, 2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, фотоесеи, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, фотоесеј, 2008), „Огледало за загатката“ (2003, разговори со Влада Урошевиќ). Активно се занимава со книжевен превод.