Двата победнички романа на книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз“ за 2020 година ќе бидат промовирани онлајн на фејсбук страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Романот „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски ќе биде промовиран вечер, во 19 часот, а „Лазарка“ од Љупчо Петрески на 1 јули во 19 часот.
Разговорот со двајцата автори ќе го води уредничката Бисера Бендевска. Онлајн-промоциите се во рамките на акцијата Недела со добитниците на наградата „Пегаз“ за 2020 година.
Книгите „Мртвите знаат најдобро“ и „Лазарка“, што се објавени во посебната едиција „Пегаз“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, веќе се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.
Книжевната награда „Пегаз“, во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се доделува од 2019 година. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.
На неодамна распишаниот конкурс за 2021 година пристигнаа 44 необјавени романи. Во периодот што следува, пристигнатите ракописи ќе ги оценува тричлена жири-комисија, во состав: д-р Владимир Мартиновски, универзитетски професор на катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, Фросина Пармаковска, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2017 година, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 29 октомври 2021 година.