Традиционалната манифестација „Научна и уметничка визита“, во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од денеска до 28 јули ќе се одржува во куќата на Уранија во Охрид.
Како што соопшти МАНУ, од денеска до 2 јули ќе се одржува лингвистичка работилница на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ). Во соработка со Филозофското друштво на Македонија на 6 јули со почеток во 20 часот ќе се одржи работилница „Културната антропологија и социологија“.
За 10 јули е предвидена работилницата „Балканските и европските дискурси за естетиката и симбологијата“, а на 15 јули предавање на тема „Илјада години од живописувањето на Св. Софија“ ќе одржи академик Цветан Грозданов.
Изложбата „Акварели од академик Васко Ташковски“ по повод 80 години од неговото раѓањето на 20 јули ќе ја отвори академик Газанфер Бајрам, секретар на Одделението за уметност. Делото „Акварели од академик Васко Ташковски“ ќе го промовира академик Катица Ќулавкова, а ќе настапат Влатко Груевски – тенор и Андреј Наунов – пијано.
Според програмата, академик Иван Катарџиев на 26 јули ќе одржи предавање „71 година од добивање културна автономија на Пиринска Македонија“, а на 28 јули ќе има поетско-ликовна вечер. Проф. д-р Иван Џепароски ќе ја промовира книгата „Извештаи на рисот“, која содржи песни од Славе Ѓорго Димовски и цртежи од Сегеј Андреевски.