Скопскиот дувачки квинтет денеска ќе настапи во познатата Bohemian City Hall во Њујорк, на свечената прослава по повод 20 години членство на Република Македонија во ОН, на која ќе присуствува и генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.
Прославата во ОН Македонија ја организира заеднички со Чешката Република, Словачка, Монако и Андора, кои исто така прославуваат јубулеј 20 години од членство во Светската организација.
Членови на овој реномиран камерен ансамбл, кој успешно ја претставува македонската култура како во земјата, така и во странство, се: Марија Јакимовска-флејта, Васил Атанасов-обоа, Ристо Ѓоревски-кларинет, Марјан Милошевски-фагот и Александар Гошев-хорна.
Скопскиот дувачки квинтет, минатиот петок, одржа концерт во Македонскиот културен центар во Њујорк. На програмата беа изведени дела од Хајдн, Фаркаш, Бизе, Џамбазов, Гершвин и Смокварски со познатото “ТЕСКОТО”. Концертот предизвика особен интерес и наиде на одличен прием од страна на публиката. Настапот на камерниот ансамбл беше поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.