Министерот за култура Роберт Алаѓозовски најави наскоро решение за просторниот проблем со Државниот архив што се соочува со несоодветни услови за чување на архивскиот материјал откако беше преселен во објектот на Археолошкиот музеј покрај Вардар. Одговарајќи на новинарски прашања, министерот рече дека се разгледуваат техничките рокади во однос на постојните простори и институциите кои се сместени во нив.
– Не би сакале да се доведеме во ситуација една институција да решиме, а потоа по системот на домино други институции да се соочат со проблеми. Се виде дека и тоа е еден од новоизградените објекти од проектот „Скопје 2014“ кои не се направени стручно. Самата идеја да се спојат во суштина диспаратни институции, како што е Археолошкиот музеј и Архивот на Македонија, исто така се покажа несоодветно решение. Владата излезе во пресрет на институцијата, но се уште преговараме и размислуваме на кој начин и во кои објекти треба да се преместат институциите, за да може архивскиот материјал да биде најсоодветно заштитен, а и самите вработени во таа институција да имаат органска поврзаност со нивните работни простории, рече Алаѓозовски на прес-конференција.