Издавачката куќа „Или-или“ го организира гостувањето на бугарскиот писател Георги Господинов по повод промоцијата на преводот на неговиот роман „Физика на тагата“ на македонски јазик. Господинов е едн од најзначајните современи бугарски писатели.
Настанот ќе се случи на утре (14 октомври), во клубот ГЕМ (над „Менада“) од 20 часот, кога модератор ќе биде поетот Никола Маџиров, а промотор на книгата Маја Бојаџиевска.
Преводот на делото „Физика на тагата“ е на Душко Крстевски, илустрацијата на корицата ја изработи Марија Смилевска, а дизајнот на книгата е на „brigada.mk“. Излегувањето на книгата и гостувањето на авторот е дел од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.
Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени книгите „Природен роман“, „И други приказни“ (и обете на „Темплум“), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), сите во превод на Никола Маџиров.
Во последниве години авторот постигна успех и во САД, а позитивни рецензии за неговите дела излегоа во „New Yorker“, „NY Times“, „Village Voice“…
Неговиот последен роман, „Физика на тагата“, беше финалист на неколку европски и светски награди, меѓу кои: Premio Strega Europeo, Haus der Kulturen der Welt, Brücke Berlin Preis… Според „Њујоркер“, бугарскиот збор за тагата, ’tuga‘, може да се спореди со Памуковиот ’hüzün‘ и Набоковиот ’toska‘.
„Оваа книга е лудост! Таа е неверојатна и нервозна, сентиментална, одразувачка, страшно смешна, потресителна, колку филозофска, толку и поетична, микроскопска и грандиозна. Накратко: чудесна!“ – објави „Berliner Zeitung“.
„Не велат ли за Габриел Гарсија Маркес дека со ’Сто години самотија‘ прв ја стави Латинска Америка на картата на светската литература? Исто како него, така и Господинов не само што завршува со реализмот, туку на дневен ред поставува и еден експериментално-игрив, апсурдно-остроумен, постмодернистичко-противречен, саморефлексивно-ироничен стил на раскажување. Со оваа книга Господинов се издигнува над низините на комерцијалноста и конвенционалноста на романот, спасувајќи се не само себеси, туку и литературата, а со неа и целиот свет“, пишува „Neue Zürcher Zeitung“.
„Физика на тагата“ е литературен забрзувач на честички, голем акцелератор во кој се мешаат живописни минијатури и списоци…“ напиша „Süddeutsche Zeitung“ за романот на Господинов.