Авторот Васил Тоциновски за книгата „Победници“ е добитник на традиционаланата награда „Струшко изгрејсонце“, која се доделува за книга за деца и млади од македсонски автор.
Книгата ја издаде Хрватското книжевно друштво од Риека и Академски печат од Скопје, а содржи 38 куси раскази за деца кои со своите теми и мотиви ја опфаќаат возраста од градинка до завршување на основното образование.
– Почнуваат со учењето на јазикот и писмото и завршуваат со првите симпатии и љубови. Исполнети се со лиричност за децата и детството и се следи катадневието на малиот човек. Авторот него го има за рамноправен соговорник со кого се разговара и се донесуваат одлуки за односите во домот и семејството, за пријателството, за добрината и довербата. Со еден збор: приказните се напишани за децата Победници, зашто и кога се расне и старее – детето таинствено живее во секој човек, се наведува за изданието.
Наградата Струшко изгрејсонце ја доделуваат Издавачката куќа Феникс и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје.
Досегашни добитници на наградата се писателите: Киро Донев, Панде Манојлов, Петко Шипинкаровски, Добре Тодоровски и Трајче Кацаров.