Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ во состав Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Иван Шопов, одлучи наградата за 2014 година да ја добие ракописот „Бело и црвено“ на Михајло Свидерски, објавува окно.мк.
Кусиот роман на Свидерски ги следи најдраматичните епизоди од животот на белогардеецот Тихон Кирилович Василев, кој пред налетот на Октомвриската револуција бега од Петроград преку Киев, Крим, Истанбул, па стигнува до Битола, за на крајот да заврши на Голи Оток.
Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис Новите! изнесува 1000 евра и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“ на издавачката куќа „Темплум“, која и го организира овој конкурс.
Спонзор на наградата е Комерцијална банка А.Д. Скопје.
Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески и Драган Георгиевски.